[Видео] Жестоки расправии на УКИМ, студентскиот правобранител повика на гласање

Како студент на Правниот факултет, Студентскиот правобранител Васка Бојаџи денеска излезе да го даде својот глас за еден од кандидатите за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, повикувајќи ги и останатите студенти да го сторат тоа во мирна и пријатна атмосфера.

Таа во изјава за медиуми рече дека правото на глас претставува право коешто е загарантирано со статутот на УКИМ и на СПУКМ.

„Сметам дека секој обид за оневозможување на студентите да го реализираат ова нивно законско право треба да биде елиминирано и го осудувам“, рече Бојаџи.

На ова се спротивстави Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум, која потсети на нелигитимноста на изборите, со оглед на фактот дека оние кои ги покренале се со истечен мандат.

Сепак, тоа не ја спречи Бојаџиева да го даде својот глас, иако за да биде анонимно гласањето, мораше сама да се потруди за да се задскрие.

Репортерот на Радио МОФ јавува дека ливчињата на кои се гласа нема печат, ниту сериски број, додека на некои факултети има само двајца членови на Комисија, наместо регуларните три.

 

 

 

Гласачко ливче

Гласачко ливче

Членовите на Комисијата, кои го надгледуваат изборниот процес не сакаа да дадат изјава, најавувајќи дека во текот на денот ќе дадат целосен извештај за изборите.

Излезеноста на изборите се уште е минимална, а на повеќето факултети се забележува и недостиг од паравани за гласање, со што се оневозможува самиот изборен процес.

На 23 факултети од скопскиот универзитет се поставени изборни кутии, во кои студентите треба да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.

Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.