[Видео] Студенти најавија активен бојкот против изборите за претседател на СПУКМ

„Додека ги бројат гласовите, нека ги избројат и сите прекршени закони“ порача Студентскиот пленум со денешната герила акција пред Студентскиот парламент на УКИМ. Во импровизирана гласачка кутија тие ги доставија своите поплаки против престојните избори за нов претседател на студентската организација. Но, студентите наидоа на затворена врата, па запрашаа дали и изборите ќе се одвиваат зад затворени врати.

Со денешната акција, студентите најавија активен бојкот на изборите и ги повикаа своите колегите од сите факултети да не излегуваат на гласање. Од Пленумот остануваат на ставот дека овие избори се нелигитимни и нелегални.

„Кирил Спировски распиша избори за кандидати за претседател во момент кога повеќето студенти не се тука, се вратиле во своите градови, или се на Work & Travel. Исто така, ги распиша надвор од академската година. Проблемот настанува и со тоа што повеќе од две години матичните факултети немаат свои легитимни Студентски парламенти, што е многу сомнително како кандидатите што се одбрани, поточно Стефан Василевски и Давор Поповски, воопшто добиле поддршка од тие парламенти“, рече студентката Деа Здравковска.

За Студентски пленум проблематично е и тоа што сегашниот претседател Кирил Спировски се повикува на нов правилник за избори, за кој како што велат, не е јасно како е донесен бидејќи неговиот мандат е истечен во 2014 година, без можност за реизбор. Тој правилник, според Пленумци, треба да е јавно достапен, до сите тела на универзитетите.

Во меѓувреме, изборната кампања трае веќе три дена, а ќе заврши на 28 јуни. Изборите, пак, треба да се одржат на 30 јуни, при што ќе се гласа на 23 факултети на УКИМ.