[Видео] Радио МОФ пред СПУКМ: Кирил Спировски се обиде да избега, тензијата не стивнува

Никако да стивне тензијата пред седиштето на Студентскиот парламент на УКИМ, откако Единиците за брзо распоредување на полицијата насилно влегоа и ги истуркаа претставниците од Студентскиот пленум, кои го блокираа влезот на зградата.

Актуелниот претседател на СПУКМ со изминат мандат Кирил Спировски се обиде да избега од задниот влез на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, во придружба на специјалци, но по силниот отпор од страна на студентите, се повлече во зградата. По ова, следуваше и фрлање јајца кон СПУКМ.

Речиси четири часа студентите го блокираат влезот на СПУКМ, барајќи денешните студентски избори да бидат поништени. Студентски пленум од самиот почеток ги смета овие избори за нелигитимни и нелегални, па поради тоа најави активен бојкот.

Поддршка за студентите изразија и неформалните движења Протестирам и Шарена револуција, кои ги повикаа граѓаните да им се приклучат пред СПУКМ.

***
Денешните избори за нов претседател на СПУКМ се одвиваа претежно мирно, со повремени расправии помеѓу претставници на Студентскиот пленум и Парламентот. Тензијата настана кога гласачките места мораа да се затворат, па на Правниот факултет се појави група на луѓе, за кои Пленумот смета дека не се студенти, и насилно ги одзедоа кутиите, носејќи ги во канцелариите на СПУКМ. Во видеото, кое стигна до редакцијата на Радио МОФ, е прикажано како членови на СПУКМ со трчање носат дел од кутиите во Здравствениот дом, кој е во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Студентскиот пленум повика и полиција поради насилство и рушење на јавен ред и мир, која по неколку минути разговор со претставници на СПУКМ, без присуство на медиуми, излезе и кусо одговори дека нема надлежност да се меша во случајот.

Пленумци забележаа бројни недоследности на денешните избори, од недостиг на параван за анонимно гласање, печат на кој пишува 2015 и немање сериски броеви на изборните ливчиња. Гласањето се одвиваше на сите 24 факултети, а заврши во 16 часот.

Студентите можеа да изберат помеѓу Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.