[Видео] Од студентите на ПМФ за средношколците – креативен час по хемија

„Хемиски спектакл“ претставува креативен час по хемија кој традиционално го изведуваат професори и студенти на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Настанот првенствено е наменет за средношколци, но како што може да се забележи од видеото, на последниот нивен час има од сите возрасти меѓу 8 и 80 години.
Се работи за интересни хемиски експерименти, а целта како што вели студентката Зорица Георгиева е да се запознаат учениците со забавниот дел од хемијата, бидејќи во повеќето средни училишта нема лаборатории и досега не виделе изведување на експерименти. 
За првпат ваков спектакл се организирал во 2009 година од страна на групата „Среќни хемичари“, или оригинално „The Happy Chemists“, која се основала од професори по враќање од работилница во Романија. Групата, пред сè, била основана и наменета за дружба и забава, пред да започне да се занимава и со посериозна работа, објаснува студентката Емилија Јанкуловска.
„Денес спектаклите на Институтот за хемија се организираат во просек двапати годишно, еднаш во ноември и во април. Овој настан сега е во организација на две групи – групата на „Среќни хемичари“ и групата на „(Не толку) среќни хемичари“. Во првата група учествуваат професори и асистенти, додека во втората сме ние студентите“, вели Јанкуловска.
Креативниот час по хемија е исполнет со знаење, вметнато во шеговити приказни. Во продолжение, погледнете како изгледа нивниот „хемиски спектакл“.