[ВИДЕО] Ништо од очекувањата за подобар живот на Ромите

[ВИДЕО] Ништо од очекувањата за подобар живот на РомитеНа две години до завршувањето на Декадата на Ромите, очекувањата за подобар живот на Ромите во Македонија пукнаа како меур од сапуница… По 547 денари годишно за секој Ром – толку одвои државата годинава и тоа за здравство, образование, домување, вработување, па и за култура. И ова е најголемата сума дадена досега (вкупно 29 милиони денари). Заокружено, можеби изгледа и многу, но ако се земе предвид фактот дека официјално во земјава живеат 53 илјади Роми, односно двојно повеќе според невладините организации, со вакви средства тешко дека ова население може вистински да се интегрира во општеството.

Исние Усеин смета дека е среќна затоа што има кров над глава во Шуто Оризари. Осум години од почнувањето на Декадата и по многу празни зборови за подобар живот, таа изгубила надеж дека набрзо нешто и ќе се смени. Со социјална помош од 1800 денари и две малолетни деца, тешко се живее.

Сиромаштијата одамна тропнала и на вратата на нејзиниот сосед. Роден Скопјанец, некогаш вработен во ФАС 11 октомври. Декадата го одминала и Мустафа.

Декадата на Ромите како меѓународна иницијатива започна во 2005 година, Истовремено македонската влада донесе стратегија и детални акциони планови за подобрување на животот на ромското население во 4 области: образование, здравство, домување и вработување.  Ваквата работа наиде на пофалба од меѓународната заедница, но се до моментот кога плановите требаше да се спроведат и на дело. Оние кои ги пишуваа, заборавија да предвидат дека за нивна реализација, требало да се донесе и реален буџет.

Љатифа ја најдовме во градинката во Шутка. Важи за еден од највредните активисти меѓу ромското население. Во брзаницата меѓу неколку состаноци, едукација на децата и родителите, но и постојана борба го грдата реалност, најде време да ни каже дека државата не е висински заинтересирана за вистинска интеграција на Ромите.

Со „Амбрела“ Љатифа работи главно на проекти од областа на здравството и образованието. Овде е нотиран и најголем напредок. За неа сега е најважно новите генерации да станат дел од системот и затоа инсистира на вклучување на младите Роми во нивните програми. Меѓу нив и синот на Усние, кој без помошта на граѓанските здруженија тешко дека ќе успееше да тргне во  средно училиште.

Ќе биде ли потребна барем уште една декада за поместување на работите напред? Животот во беда е реалност за Шутка, најголемата ромска општина на Балканот. За да биде иронијата поголема, најголем дел од државните средства се слеваат овде. Надвор од Скопје условите за живот се уште полоши. Декадата за овие луѓе веќе не значи ништо. Откако еуфоријата спласна, нив ги дочекаа 8 години празни зборови, проекти на хартија и неисполнети ветувања на ромските политичари.

Јасмина Јакимова