Видео-игра во која тетовецот Окси се бори против загадувањето на воздухот

Окси е мало момче од Тетово кое ги губи родителите поради рак предизвикан од загадениот воздух. Јасно му е дека на светот му е потребна промена, става на себе гас-маска и боца со кислород и одлучува тој да ја направи промената.

Ова е приказната на играта Airpocalypto: City of smog (Ерпокалипто: Градот на смогот), дело на тетовскиот тим ShroomApps, кој развива игри за андроид платформи.

Како што велат од тимот, играта е направена за подигање на свеста и намалување на толеранцијата за загадувањето на воздухот.

Играта е составена од два мода: „Спасете го вашиот град“, во коj карактерот Окси трча низ металуршка фабрика, скока преку ѓубре и собира филтри за да го спаси градот претворајќи колку што е можно повеќе фабрики – да не штетат на околината и „Мод на преживување“, во кој Окси трча низ апокалиптичен град и собира маски за да избега од смогот, лизга под знаци за биолошка опасност и разни други пречки.

Тимот на ShroomApps е составен од Ермал Селими, Дрилон Реџепи, Бесар Иљази и Лиридон Реџепи и почна со работа во мај минатата година. Тие велат дека од 50-тите години, кога аерозагадувањето добило светско внимание и покрај бројните протести, организирања и реклами тоа на крај сепак победило. Токму затоа се одлучиле да направат игра директно насочена против овој проблем, како нивен начин на протест за уништувањето на животната средина.

„Градот во кој живееме, Тетово, стана толку загаден што е рангиран како еден од најзагадените во светот. Фактите говорат дека причините се огревниот чад, густиот сообраќај, но, пред сè поради огромната металуршка фабрика која работи без филтри. Ние како ShroomApps, преку играта сакаме да им кажеме на луѓето дека можеби загадувањето на воздухот ќе продолжи засекогаш, но и дека секогаш ќе го има „Окси“, кој ќе собира маски, филтри, ќе бега од смогот и најважно – ќе го намалува загадувањето за да спаси милиони животи“, велат од тимот.

Играта е бесплатна, а засега можат да ја преземат само корисниците на андроид смартфони и таблети преку сервисот Google Play.