[Видео] Аргумент 2013: Вкрстени копја околу гласањето

Четвртиот по ред дебатен настан„Аргумент – организирано изразување“ во организација на Младински образовен форум (МОФ), кој се одржа вчеравечер (32 декември) во големата сала на Македонската опера и балет, избрани тимови говорници ги соочија своите ставови за важноста за гласањето и избирањето на претставници како основа на демократските уредувања. Тие пред јавноста се обидоа да одговорат на прашањето: колку ова граѓанско право во пракса во Македонија придонесува кон подемократско општество?.

Поделени во тимови според  ставовите кои јавно ги застапуваат, Артан Садику, Јани Макрадули и Владо Бучковски од афирмативната и Јадранка Костова, Андреј Жерновски и Ермира Мехмети од негациската страна, дебатираа на тезата “Овој дом не би гласал на избори”. Дебатата понуди повеќе од 100 минути организирана дискусија во формат однапред подготвен од МОФ, кој овозможуваше еднакво учество на сите говорници во дискусијата и простор во два блока за вклучување на публиката.

Афирмативниот тим, кој ја застапуваше тезата дека не треба да се гласа на избори, аргументираше дека негласањето испраќа најсилна порака на незадоволство и потреба од промена на една власт, наспроти негацискиот тим од друга страна, кој се говореше за институционалната борба  како начин да се прикаже волјата на народот и можност да се врати функцијата на институциите.

Секој граѓанин кој ќе излезе на избори кои се организирани од тоталитарна власт, станува соучесник во тие избори и дека нема посилна порака од тоа дека овој дом не би гласал и не само посилна, тоа е и единствена порака која граѓаните треба да и ја упатат на една тоталитарна власт… Јас не сум соучесник со вас, јас не одам на избори“, рече Јани Макрадули, првиот член на тимот кој ја поддржува тезата, кој со својот говор ја отвори дебатата.

Од друга страна, Андреј Жерновски, член на негацискиот тим, посочи на скорешните случувања од трите изборни круга во Општина Центар и истрајноста на граѓаните кои според него биле решени да направат промена низ институционална битка во која ќе докажат дека се во право:

Точно е дека имаме политичка магла која може да се растера само со избори“, рече Жерновски.

Артан Садику говореше за идеолошките причини поради кои не би гласал на избори, за погрешното поистоветување на термините политика со партија и потребата од граѓански активизам:

Сфаќањето дека демократијата претставува пред се’ слободни избори е длабоко вкоренето во денешното политичко сфаќање во Македонија но и во други држави. Тоа значи дека самиот концепт на демократијата е стеснет во полето на формалната процедура, која преку изборниот систем му овозможува  на граѓанинот да ја искаже својата политичка волја.

Јадранка Костова, во улога на говорник на негацискиот тим порача:

„Ние во моментов имаме фингирана демократија, имаме поделба на власта во уставот но во пракса и во животот еден центар, една група раководи и ги контролира сите други власти, сите други контролни механизми… Бојкотот нема да ја направи оваа власт поодговорна, мислам дека сето тоа ќе помине и ќе биде исспинувано“.

По циклусот прашања од публика, дебатата ја заклучија говорниците Владо Бучковски за афирмативниот тим и Ермира Мехмети за негацискиот тим. Владо Бучковски во својот говор ги повика граѓаните на гласање за личности наместо партии, додека Ермира Мехмети посочувајќи на важноста на враќањето на функцијата на Собранието како најважен дом ја затвори дебатата за својот тим:

Наша задача е заеднички да ја вратиме смислата на претставничката демократија“. 

Дебатата ја проследијаоколу 400 гледачи во салата на МОБ, додека преку 700 луѓе го следеа преносот во живо на Радио МОФ.

Младински образовен форум го организира настанот „Аргумент: Организирано изразување“ со цел да ја подигне културата на дијалог, заедно со квалитетот и етичноста на јавниот дискурс, да ги покрене важните прашања, но и да ги поттикне јавните лица за учество во фер и аргументирана дискусија.

Погледнете ја целосната снимка од дебатата на годинешниот Аргумент. Видеото почнува на 1:51: