Вељаноски свика итна седница на Собрание по одлуката на Уставен

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, свика итна собраниска седница, закажана за денес во 16 часот, откако Уставниот суд одлучи да се стопира распуштањето на законодавниот дом.

„Како претседател на Собранието на Република Македонија, имајќи го во предвид решението на Уставниот суд, У.бр.104/16 од 18 мај 2016 година, ја информирам македонската јавност дека врз основа на сопствените надлежности дефинирани со Уставот на државата, за денес, 18 мај 2016 година во 16 часот ја закажав 101 седница на Собранието на Република Македонија. Исто така, сакам да го изразам своето длабоко уверување дека натамошниот развој на демократските процеси во Република Македонија најдобро може да се оствари во Парламентот на Македонија заради што ги повикувам сите пратеници независно од политичката определба да земат свое активно учество.

Истовремено, го изразувам и своето силно уверување дека единствено преку постојано надоградување на меѓусебните односи помеѓу сите релевантни чинители во државата, на најдобар можен начин ќе се помогне во насока на остварување на носечките македонски стратешки приоритети какви што несомнено се, членството во НАТО и ЕУ, унапредувањето на стратешките односи со САД, како и создавањето на сите неопходни претпоставки за економски, социјален и сеопшт развој на Македонија, се вели во соопштението.

Судот утрово, на иницијатива на ДУИ, расправаше за уставноста на одлуката за распуштањето на Парламентот. Времената мерка за стопирање на одлуката е донесена едногласно, а ќе важи до конечната одлука на судот. Претходно, зградата на судот беше обоена во боите на Шарената револуција, а следеше и реакција од неформалното движење „Протестирам“, кое побара судиите да се вратат на страната на правдата.