Укинување на дисперзираните студии – заштеда или популизам

Одлуката за укинување на дисперзираните студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и делумно редуцирање на овие студии на другите Универзитети повторно ја актуелизираше дебатата за тоа дали тие се непотребен државен трошок, или им овозможуваат на студентите од помалите градови да го продолжат своето образование.

Министерството за образование и наука викендот соопшти дека одлуката произлегла од барањата на УКИМ.

„Донесувањето одлука за укинување на дисперзираните студии е резултат на укажувањата кои стигнаа до нас од страна на Универзитетот за непостоењето на интерес од страна на студентите за овие студии во изминатите неколку години. Постојат јасни согледувања за неможноста да се обезбеди ист квалитет на студии надвор од матичните Факултети“, соопштија од МОН.

Оттаму велат дека министерството нема да дозволи да постојат студенти од прв ред и студенти од втор ред кои ќе учат во несодветни субстандардни услови надвор од матичните Факултети. Нивна заложба, велат од МОН, е да им овозможи на студентите дипломи кои ќе им гарантираат знаење.

Студентите што ги анкетираше Радио МОФ велат дека е оправдано укинувањето на дисперзираните студии за годинава, бидејќи според нив, факултети има на секој чекор. Сепак, сметаат дека со цел да им се помогне на нивните колеги, потребно е тие да имаат одредени бенефиции со цел да можат да студираат во поголемите градови.

„Јас мислам дека доколку УКИМ смета дека треба да се укинат тие дисперзирани студии, тогаш навистина е така. Од една страна е подобро да се укинат, кога гледаме дека поголем број на студенти од помалите градови доаѓаат во поголемите градови, едноставно нема причина тие студии да бидат активни во помалите градови. Од друга страна, тоа е минус за некои студенти коишто едноставно немаат услови да дојдат во поголемите градови и од таа гледна точка можеби треба да им се помогне, во смисла да плаќаат помалку партиципација, да имаат поголеми бенефиции…“, вели студентка на Правниот факултет при УКИМ.

„Мислам дека не треба да има, во Кичево веќе има еден таков“, смета студентка од овој град која дошла да студира на Економскиот факултет во Скопје.

„Премногу има факултети“, додава таа.

„Каков е кадарот на дисперзираните студии и што можат тие да им овозможат на студентите? Дали тие дисперзирани студии го даваат истиот квалитет како на пример Економскиот факултет? Дали се сигурни дека кога некој е запишан на дисперзираните студии, гарантираат и работа? Која е веројатноста дека студентите коишто одат на дисперзираните студии тука или во другите градови, ќе се вработат полесно во однос на нас. Јас не ја гледам перспективата да постојат дисперзирани студии. Имаме доволно факултети кои даваат јаки кадри, професори коишто максимално се вложуваат, некои помалку како и секогаш“, вели нејзина колешка.

За тоа дека дисперзираните студии претставуваат скап облик на образование, кој создава поголеми трошоци отколку придобивки, потврдува и истражувањето направено од Здружение Институт за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ. Нивните податоци покажале дека сегашната нето-вредност на инвестициите во дисперзираните студии кај трите најголеми државни универзитети  – УКИМ, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип е негативна вредност“.

„Дисперзираните студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имаат најниска сегашна нето-вредност, додека УКИМ има најголема. Ова и не би требало да биде изненадување, со оглед на фактот дека УГД има најголем број запишани студенти, а УКИМ најмал. Во согласност со резултатите добиени преку користење на овој инвестициски критериум, препорачуваме дека инвестицискиот проект не треба да биде прифатен, односно, во случајов, да се размисли за сериозна реорганизација и ефикасност на трошоците и на  придобивките на дисперзираните студии или, евентуално, за напуштање на овој концепт“, стои во заклучоците на истражувањето.

Универзитет Вк. Трошоци(недисконтирани) Вк. придобивки (недисконтирани) Нето-трошоци (недисконтирани вк. трошоци – вк. придобивки) Сегашна нето-вредност (NPV)
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје 531.036.552 1.116.110.072 585.073.520 -220.053.744
Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола 2.789.550.672 3.030.283.386 240.732.714 -1.473.418.669
Универзитет „Гоце Делчев“– Штип 4.543.190.150 7.810.502.059 3.267.311.909 -1.828.831.899

Сумарни резултати од АTП на државните универзитети во РМ (во денари).

Според доцентот д-р Трајче Стојанов, ако воведувањето на дисперзираните студии помина без анализи, сега повторно се укинуваат без сеопфатна анализа.

„Како и за сè друго, едните досега повлекуваа чекори без анализа, другиве исто така укинуваат и ги враќаат некои чекори, повторно без анализа. Почнувајќи од екстерното, па до високото образование, потребна е сериозна анализа“, смета тој, додавајќи дека стручната фела во ниту еден случај не била прашана.

„Или имаме многу пари, или не знаеме што е образование. Попрво ќе да е ова второто. Навистина сум крајно револтиран од популизмот со којшто се носат потезите во најважната сфера во едно општество. Револтиран сум бескрајно, бидејќи се влечат потезите што се волунтаристички и чисто популистички“, вели Стојанов.

Како пример ги посочи дисперзираните студии на Машинскиот факултет во Виница и Земјоделскиот факултет во Струмица.

„На едните им текна во Виница да воведуваат Машински факултет, кој да ми простите е едвај град, а на другите им текна да укинуваат. Ниту од едната, ниту од другата страна не видов образложение, ниту за потребата од таквите, ниту пак за укинувањето. УГД, на пример, има дисперзирани во Струмица и некои од тие дисперзирани паралелки се покажаа како успешни. Ние мораме да направиме образовна стратегија, не може во Струмица, град на земјоделието да нема Земјоделски факултет. Не може УГД, или кој било факултет во Струмица да нема најсовремена лабораторија од областа на земјоделското инженерство“, забележува професорот.

Како дополнителен пример го посочи и екстерното тестирање. За Стојанов јасно е дека тоа претставувал извесен стрес и дека служело за манипулација и заплашување, но според него, неопходно е надворешна е надворешна евалуација, која потоа ќе служи за образовни политики.

„Може секој тест да се направи да биде екстерен. Кога ќе ги стандардизирате тестовите по математика, на ниво на држава, да се полага истиот тест и во Корчагин, и во Штип, вие имате екстерна евалуација без да знаат учениците“, предлага тој.

Образование заглавено во партиски препирки

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека единствената причина поради која е направен ваквиот чекор е заради тоа што дисперзираните студии се нивна мерка.

„СДС укинува една благородна мерка која во изминатите 9 години ја искористија околу 20.000 студенти. Укинува мерка која придонесува и за економско социјален, но и демографски развој на сите останати региони во земјата.  Граѓаните од СДС не очекуваат антиреформи кои се мотивирани единствено од опседнатоста со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Таквите антиреформи никому не му носат корист. Граѓаните очекуваат СДС да се погрижи прво да ги оствари ветувањата кои ги има дадено пред македонскиот народ“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, за виновник за проблемите во образованието ги посочуваат токму од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години непромислено и преку избрзани, неодговорни и несоодветни проекти, предизвикуваше штети во образованието. Доказ за тоа се и многуте рангирања на престижни светски институции и организации кои образованието во Македонија редовно го сместуваа како едно од најлошите во Европа. Владата предводена од СДСМ веднаш започна да ги поправа штетите кои ВМРО-ДПМНЕ им ги нанесе на учениците, наставниците, професорите и образовниот систем“, велат од СДСМ.

Наспроти укинувањето на дисперзираните студии, Владата одлучи да ги активира родовите студии, како и студиите за Безбедност и евроинтеграциите на Факултетот за безбедност при УКЛО. Покрај ова, новина е и тоа што  на студентите од еднородителски семејства ќе им биде овозоможено поевтино студирање на одредени студиски програми за кои ќе плаќаат само половина од партиципацијата.

Е.П.

//