УКИМ ќе остане без греење и по 15 октомври?

Компанијата „Балкан енерџи груп“  испратила опомена до деканите на сите факултети  на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ –  се предупредуваат дека поради неплатен долг,  објектите на УКИМ се исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија. Вкупните долгови на универзитетот изнесуваат 85 милиони денари и тие се однесуваат на периодот од почетокот на годинава, кога оваа компанија го презеде бизнисот со топлинска енергија. Раководството на Универзитетот е недостапно за каков било коментар или одговор за тоа дали новата ситуација ќе значи дека од 15 октомври, кога официјално почнува грејната сезона, наставата на факултетите ќе се одвива во студени простории, јавува Телма. 

Според дел од професорите, тоа ќе биде ислучително тешко, особено ако се земе предвид фактот дека и изминатите неколку недели буквално се смрзнувале за време на предавањата.

-Не може да се работи во такви услови, проблем ни е на нас професорите кои се движиме додека предаваме, но уште повеќе на студентите кои седат. Срамота е во овој век кога предаваме са придобивките на цивилизацијата немаме основни услови за работа, вели професорот Ненад Новковски. Според него , проблемот со греење не е нов, и се провлекува во изминатите неколку години.

Реагираат и студентите, кои велат дека предавањата ги слушаат облечени во капути.  Долгот на Универзитетот кон „Балкан енерџи груп“ е натрупан во последните неколку месеци поради ненавремената уплата од страна на Министерството за образование, кое е задолжено за сервисирање на оваа обврска.

Според телма, ниту од оваа институција денеска не даваат одговор –  која е причината за ваквото доцнење? Дел од деканите веќе се заканија дека нема да држат настава доколку на 15 октомври факултетите останат без греење.