УЈП и финансиска полиција веќе три месеци ги проверуваат невладините финансирани од УСАИД

Граѓанските организации од средината на декември, па до денеска, се соочуваат со сериозни притисоци од државните институции. Во над 20 организации се уште се присутни инспекторите на УЈП чии што истраги се однесуваат на петгодишното работење на граѓанските организации, изјави Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“, по денешната промоција на проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“.

„Особено загрижува последнава недела дена што 13 организации се посетени од страна на финансиската полиција и од страна на министерството за внатрешни работи по барање на Основното јавно обвинителство во пред истражна постапка за непознат основ бидејќи така како што ги водат постапките упатува на тоа дека не знаат што бараат и особено последните 3 дена организациите што се посетени од нив во налозите се бара да се одземат документи поврзани со приливите и плаќањата направени од УСАИД, американската агенција за развој“, вели Каранфилова-Пановска.

Според неа, начинот на кој што се развиваат работите, интезивирањето на притисокот, инструментите кои што се користат и целта кон која што одат да креираат случај за злоупотреба на парите упатува на тоа дека доколку оваа ситуација потрае и политичката криза не се разреши во скоро време граѓанските организации можат да бидат сериозна колатерална штета на она што ни се случува во поширокиот контекст иако сето ова време работеле единствено и само во интерес на граѓаните.

„Доколку не се разреши политичката криза, затоа што ова е злоупотреба од страна на институциите во ситуација во која што Македонија не се знае кој јаде кој пие, не се знае дали имаме еден легитимен претставник на било кое ниво на власт. Единствен легитимен формално е претседателот Иванов кој со последните две одлуки се делегитимираше себеси комплетно во очите на граѓаните“, рече Каранфилова-Пановска.

За време на промоцијата на проектот, евроамбасадорот Самуел Жбогар забележа дека институциите, кои треба да бидат независни, во последно време удираат по граѓанскиот сектор и оти собраните информации стигнуваат до јавноста, кршејќи ги законот и основните човекови права.

„Ова се тешки времиња за граѓанските организации, но ЕУ секогаш гледала и секогаш ќе гледа партнер во граѓанските организации и ќе продолжи да ги поддржува. Граѓанските организации треба во синергија да соработуваат со институциите и да бидат вклучени во процесот на реформа на јавната администрација. Очекуваме што поскоро нова Влада која ќе се посвети на реформата на јавната администрација и ќе ги вметне сите препораки од Извештаите на Еворпската комисија кои се однесуваат на оваа област“, рече Жбогар.

Извршниот директор на „Еуротинк“, Бојан Маричиќ, вели дека сè уште не знаат зошто се случуваат инспекциите и што бараат органите на власта, но потсети дека сите овие активности произлегуваат по прогласувањето на ткн. „десоросоизација“.

„Очекуваме да се формира нова влада и да престане институционалиот политички притисок што беше најавен со прогласот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Маричиќ.

Тој рече дека неговата организација станала мета на инспекциите по последното негово гостување во еден од медиумите, во која, како што рече, се водела бурна дискусија и каде што двајца од учесниците ја напуштија емисијата.

„Налогот за контрола на УСАИД е со датум од 7 март, ден по таа емисија. Заклучоците носете ги сами, не можам да кажам дека е поврзано, но премногу случајности има во овој период за да кажеме дека има коинциденција“, подвлече Маричиќ.