Учениците на „Нова“ ја оживеаја „Војна на ѕвездите“ во Скопје

Епската битка помеѓу доброто и злото прикажана низ сцени од култниот филмски серијал „Војна на ѕвездите“ (Star wars) во понеделникот се одигра на сцената на Македонска опера и балет во Скопје. Улогите на Лук Скајвокер, Дарт Вејдер, Јода, Чубака и останатите познати ликови, ги толкуваа основците од меѓународното училиште „Нова“. Во полната сала, малите актери се мечуваа со „лајтсејбери“, игра на познати композиции меѓу кои и песни од популарниот филм и направија македонска верзија на „Војна на ѕвездите“ проткаена со многу танц и музика.

Станува збор за традиционална зимска претстава на „Нова“. Минатата година беше поставена книгата „Шеќерна приказна“ на познатиот македонски писателСлавко Јаневски, а оваа година одлуката падна на една од најпознатите стории раскажани на филмското платно. 

– „Војна на ѕвездите“ уште одамна го надмина мејнстримот и прерасна во движење со кое сметаме дека секој треба да се запознае. Се работи за прекрасно раскажана приказна која поставува многу прашања. Сакавме да се обидеме со нешто поинакво, со филм кој го имаат погледнато повеќето луѓе, а притоа да му го дадеме нашиот печат и мислам дека успеавме во тоа – велат од училиштето „Нова“. 

Покрај професорите кои ги водеа основците низ целиот процес, на сцена се качија околу 350 основци кои одлично ги одиграа познатите ликови од „Војна на ѕвездите“. 

– Интересно е дека претставата се игра само два дена пред премиерата на новиот дел на филмскиот серијал. Искрено не беше планирано со оглед дека концептот за овие наши проекти почнува да се развива многу одамна и темата беше дефинирана уште пред да се потврди кога светската јавност ќе го погледне Rogue One: A Star Wars Story – велат од „Нова“.

Учениците на „Нова“ досега имаат поставено голем број на познати филмови, цртани и класични дела како „Брилијантин“, Frozen и „Ромео и Јулија“.