Тетово се гуши во екстремно загаден воздух, висока загаденост и во скопско

Граѓаните на Тетово утрово повторно дишат екстремно загаден воздух повеќе од десет пати над максимално дозволената граница. Во 10 часот се измерени 409 микрограми PM-10 честички, во 11 часот загадувањето достигнува 537, додека на пладне 530.

Високи концентрации од мониторинг станиците на Министерството за животна средина се забележани и во скопскиот регион. Утрово во Карпош воздухот бил загаден двојно повеќе од максималната граница, слично загадување рано утрово е регистрирано и на мерната станица „Ректорат“, додека во Центар концентрациите на ПМ-10 честичките се нешто над максимално дозволената граница. Мерната станица во Лисиче престанала да соопштува резултати од полноќ, додека од мониторинг станицата во Гази Баба веќе два месеци нема резултати за аерозагадувањето.

skopje-zagaduvanje

Вчера во ноќните часови висока загаденост на воздухот е регистрирана и во Куманово, каде во периодот од 20 до 22 часот загаденоста била четирикратно повисока од максимално дозволеното. На другите места во Македонија количините на ПМ-10 честички во воздухот се под максимално дозволените 50 микрограми на метар кубен.

Според пресметките на Министерството, воздухот во Тетово 231 ден оваа година ги надминал максимално дозволените концентрации на ПМ-10 честичките во воздухот. nadminuvanja-zagaduvanjeТоа значи дека граѓаните на овој град само 46 дена дишеле воздух во границите на нормалата, а просечно тетовци дишеле воздух со 107,9 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен.

На второто место во оваа непопуларна категорија се ноаѓа Гази Баба со 111 дена со загаден воздух над дозволеното оваа година (иако последното надминување е забележано на 9 август откога мониторинг станицата престанува да враќа резултати), а на третото место е Лисиче со 100 надминувања оваа година.

Ова е највисоко регистрирано загадување на воздухот во Тетово последниов месец. За наредните денови метеоролозите најавуваат значителен пад на температурите во Македонија, што во минатото беше причина за неколкукратно зголемување на загадувањето поради комбинацијата на неповолни временски прилики и загадувањето од греењето во домаќинствата.

При екстремно загадување на воздухот, препораките на Светската здравствена организација се сите лица да не излегуваат надвор без посебна потреба.