Тема: (Не)европско функционирање на Комисијата за заштита од дискриминација [2]

Бројни владини функционери и други јавни личности во јавноста често пати преку медиумите упатуваат дискриминаторски пораки кон граѓаните, но Комисијата не секогаш избра да реагира. На пример, реагираа за „женската рака“ на Црвенковски која ќе го чистела Неготино, но не реагираа за изјавите на премиерот Груевски дека жените постојано „бараат некакви си права“, наместо да се занимаваат со реалните проблеми и да раѓаат повеќе деца. Дали постои селективност?

Тема: (Не)европско функционирање на Комисијата за заштита од дискриминација [2]

Претседателот на Комисијата, Душко Миновски вели дека тие немаат селективен приод. „Кога во Неготино беше предизборната кампања и беше споменато дека Неготино треба да се исчисти, а за тоа е потребна женска рака, изјава дадена од Црвенковски, ние реагиравме. Истото се случи и за време на кампањата на струшкиот градоначалник Зијадин Села кој обраќајки се кон советниците од ДУИ рече „јас мислев дека сте олимпијци, вие сте биле пара олимпијци“. Во врска со изјавата на премиерот Груевски , во која тој побара раст на семејството и се алудираше на жената како мајка, ние ја преслушавме и таа изјава, но увидовме дека нема дискриминација бидејќи се обраќа и кон мажите во семејството истовремено“, вели Миновски.

За изјавата на пратеникот Драгиша Милетиќ од СНСМ кој рече дека хомосексуалноста е болест, не реагирале зашто ќе било предоцна.

„Признавам, беше наш пропуст тоа што не изреагиравме веднаш за изјавата на Драгиша Милетик, за време на расправата за дефинирање на бракот како институција меѓу маж и жена. Тогаш не стигнавме да изреагираме бидејќи немаме време, комисијата се состана во  четврток, па оттука помина една седмица и реакцијата ќе беше презадоцнета.Сепак, сметам дека нема селективност и комисијата професионално си ја врши работата“, изјави Миновски за Радио МОФ.

Според Националната експертка во Европската мрежа на правни експерти од полето на не-дискриминацијата Билјана Котевска пак, секој молк на вакви изјави е одобрување и охрабрување и за други кои би продолжиле со давање на вакви изјави, а тоа е исклучително опасно. Како што додава, мал е прагот од поттикнување на нееднаквост и нетолеранција до еруптирање на нетолеранцијата и предрасудите во насилство, како што се покажа со кршењето на ЛГБТИ центарот за поддршка, каменувањето на куќи, напади врз активисти, настани на кои им претходеа бројни хомофобични изјави од јавни личности, дури и од политичари и пратеници.

„Не смее ниту една ваква изјава да пројде без реакција на ова тело, па колку чести и да се ваквите изјави, и без разлика од кого доаѓаат, бидејќи крајно време е да ги нарекуваме работите со нивното вистинско име – дискриминација, хомофобија, мизогинија, итн. Неприфатливо е во време кога во светот државите воведуваат неутрален или неодреден род во изводи од матични книги на родени, во време кога во многу земји се легализираат браковите на истополови двојки, ние сеуште да разговараме за тоа дали треба на лицата со сексуална определба различна од хетеросексуалната да им признае основното, а тоа е принципот на еднаквост. Неприфатливо е наместо да разговараме за законски квоти за жени во извршни одбори на приватни компании, ние да зборуваме за „некакви си женски права“, вели Котевска.

Во 2012 Комисијата примила 75 жалби а процесирала 43. Од нејзиното основање во 2011, Комисијата идентификуваше дискриминација во 11 случаи, во главно врз основа на етничка припадност и маргинализирана група. Буџетот на Комисијата за 2012 година изнесувал околу четири ипол милиони денари. И покрај бројните критики и препораки од Европската унија, Законот за антидискриминација се уште не ја вклучува сексуалната ориентација како основа за дискриминација.

Како функционираат ваквите тела во ЕУ?

Телата за еднаквост и антидискриминација во ЕУ не би се двоумеле да процесираат случаи против политичари од власта, па дури и актуелни министри и министерки, велат познавачите. Според Билјана Котевска, телото за еднаквост треба да биде најгласен говорник за еднаквост во една држава, треба да го штити овој принцип во секој поглед, и со својата работа да создава поволна клима за еднаквост и преку своето делување да ја шири културата за човекови права, да ги сузбива предрасудите и стереотипите и да реагира на стереотипни и дискриминаторски изјави, особено од лица кои имаат влијание во јавниот живот, без разлика на нивните позиции.

„Тоа го прават телата за еднаквост во државите во ЕУ. Телата за еднаквост во ЕУ не се двоумеле да процесираат случаи ни против политичари од власта, вклучително и против актуелни министри и министерки, не се двоумат да процесираат случаи против јавни институции и да разоткријат дури и случаи на системска дискриминација (на пример сегрегација во образование). Стереотипите и предрасудите се вродени во човековата природа, и поради тоа е важно лицата кои и по закон се надлежни за борба со дискриминацијата да бидат најгласните и најхрабрите кои први ќе проговорат за едни од најтешките прекршувања на Човековите права, а тоа се прекршувањата на принципот на еднаквост. Тоа, за жал, кај нас сеуште не е случај. Ние сеуште имаме случај на потенцијална дискриминација врзан за сегрегација на Ромски деца во образование во Битола поднесен од Хелсиншкиот комитет во 2011 година кој не е процесиран. Недозволиво е случај со толку тешки наводи за дискриминација да чека на одлучување три години“, вели Котевска.

Директивите за недискриминација на Европската унија бараат телата кои се борат против дискриминацијата да имаат надлежности за давање независна помош на жртвите на дискриминација при поднесување на претставките, како и спроведување на независно истражување и препораки во врска со дискриминацијатата.

Кристина Озимец