СЗО: Зависноста од компјутерски игри е ментално нарушување

Светската здравствена организација (СЗО) ги додаде зависноста од компјутерски игри и рискантното играње компјутерски игри, на нивната нацрт – листа на ментални нарушувања поврзани со зависности, пренесува МЕТА.

Според дефиницијата на СЗО, првото нарушување го карактеризира шема на однесување поврзано со постојано играње дигитални игри или навраќање на такво однесување манифестирано преку „нарушена контрола на играњето, зголемен приоритет кој се дава на играњето наспроти другите интереси во животот и дневните активности, продолжување или ескалација на играњето, наспроти појава на негативни последици.“

СЗО исто така го дефинира рискантното или хазардерско играње компјутерски игри како „шема на играње, било преку онлајн или офлајн, која забележително го зголемува ризикот од штетни последици по физичкото или менталното здравје на индивидуата или лицата од нејзината околина.“

„Здравиот разум и објективните истражувања докажаа дека видео-игрите не создаваат зависност. Исто така, ставање официјална етикета на терминот неодговорно, ги тривијализира менталните нарушувања како депресија и социјална анксиозност, кои заслужуваат лекување и целосно нимание од медицинската заедница“, велат од „Ентертејнмент софтвер асосиејшн“ (ЕСА), претставникот на индустријата за видео-игри од САД, кој во истовреме и побара од СЗО да ја промени оваа одлука.

Британската експертка за социјални медиуми, Силвија Коршак го поздрави додавањето на овие нарушувања на листата од СЗО, како храбар потег кој ќе им помогне и на медицинските професионалци кои се занимаваат со превенција и лекување зависности, а и ќе поттикне поширока јавна дебата за овие прашања.

„Играњето компјутерски игри не е баш табу тема, но мислењата за него се поделени и често не се базираат на факти, што воопшто не им помага на луѓето кои уживаат во него и имаат позитивно влијание, ниту пак на играчите кои се соочуваат со форми на зависност, при што не може да побараат професионална помош. Иако се појавуваат се повеќе програми за одвикнување, кампови или други идеи за помош, просечните родители или брачни партнери имаат реален проблем при соочувањето, бидејќи и онлајн и мејнстрим медиумите не заплашуват, па дури и преплашуваат, без да посочат практични решенија,“ напиша Коршак на нејзиниот блог.

Сепак, и покрај ова предупредување од страна на СЗО, новокласифицираните нарушувања не се фокус на нивната работа. На нивниот веб-сајт тие укажуваат дека најголемите здравствени проблеми на светско ниво во 2017 година биле поврзани со недоволното вакцинирање против заразни болести како менингитисот, намалување на смртноста од колера и глад.