Сунде: Цукерберг е диктатор, Европа мора да ја сопре огромната социјална мрежа

Еден од основачите на сајтот The Piratebay, Петер Сунде го нарече Марк Цукерберг „диктатор на најголемата нација во светот,“ мислејќи на Фејсбук заедницата. Истовремено, тој ја осуди централизација на моќ на едно место. На неодамнешната ИТ конференција во Амстердам, Сунде за CNBC изјави дека на интернет нема демократија.

„Луѓето кои работат во технолошката индустрија имаат голема одговорност, но никогаш не разговараат за тие работи. Фејсбук е најголемата нација на светот и, гледајќи низ призмата на демократијата, тука имаме диктатор. Марк Цукерберг е диктатор“, рече Сунде.

Иако отворањето профил на Фејсбук е самоволно, Сунде смета дека има огромно влијание врз животот на луѓето ако тие не се приклучат на гигантската социјална мрежа, бидејќи најголемиот дел од интеракцијата со членови од семејството и пријателите се случува на Фејсбук.

Тој нагласи дека не користи Фејсбук, па заради тоа трпи неговиот „офлајн“ живот.

„Нема повици за забави, нема информации што се случува со моите пријатели, луѓето прекинуваат да зборуваат со тебе бидејќи не си на Фејсбук. Тоа влијае на вистинскиот  живот, дополни Сунде.

Тој вели дека Европа мора да преземе некаква акција со цел да ја сопре оваа социјална мрежа. Сепак, за многумина е иронично што токму Сунде го критикува Фејсбук за кршење на правилата, со оглед на тоа дека тој и уште неколку негови колеги го оформија Piratebay, веб-страница која дозволува преземање на нелегални копии од филмови и софтвери. Сунде помина пет месеци во затвор во 2014 година поради неговата улога во создавањето на страницата.

Фејсбук, којшто брои околу 1,6 милијарди корисници, засега се уште нема одговорено на овие „обвиненија“ и лични гледишта на Сунде.