Студентски пленум: За окупацијата… или зошто никогаш нема да ви простиме?

Деновиве во јавноста се чини дека едно од најпоставуваните прашања е како студентите ќе се изборат за своите права преку окупација, а не со протести?

Можеби главниот проблем околу оваа “загатка” се крие во фактот што денови пред да се случи веќе најавената окупација премиерот Никола Груевски ги прими студентите, истите оние за кои се прашуваше зошто воопшто и протестираат месеци претходно и во обид да ги тргне на страна, од името на сите свои пратеници (како тие воопшто и да не размислуваат со своја глава) вети мораториум, односно ОДЛОЖУВАЊЕ на новиот закон за Високо образование (кој се оствари магично денови подоцна).

Оттаму, дел од јавноста стана убедена дека дејствувањето на премиерот на цели 2 месеци од најмасовниот независен марш во историјата на Македонија доаѓа како резултат на неговото организирање, како и на останатите 2 масовни протести со кои студентите јасно и гласно кажаа “СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ“, иако во изјавите од тој период сè уште на сите нас гласно ни одѕвонуваат изјавите од типот дека “Студентскиот пленум не постои”.

Сепак, суровата реалност е дека протестите не вродија со плод и дека пошироката политичка ситуација придонесе да се случат т.н. (минимални) отстапки. Да не заборавиме, студентската Автономна зона и ден-денес не се емитува на ниту една од најголемите три македонски национални телевизии (МРТ, Сител и Канал5) чие спомнување во понатамошниот текст ќе биде излишно и непотребно бидејќи со секој нов ден тие стануваат се поирелевантни.

Дека протестите навистина не вродија со плод покажува и изјавата на министерот за образование, Абдулаќим Адеми кој побрза да им порача на сите дека “Владата нема да се откаже од ‘некаков’ вид на (надворешно/екстерно) тестирање“. Токму поради оваа критична изјава никој не ни гарантира дека одложувањето на овој закон за Високо образование е само одложување, а не прв чекор кон донесување на нов закон!

Но, тогаш, се поставува прашањето – а зошто пак Автономната зона би вродила со плод и би им ги отворила конечно очите на оние на кои им се широко затворени веќе неколку месеци?

Се чини дека најголемата заблуда на луѓето во однос на окупација е самиот термин. Што е всушност окупација?

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на Студентски пленум.