Студентски пленум реагира: Ние имаме само една книшка – тоа е индексот

„Пленумот од самите почетоци, посочува дека е политички чинител, но не и партиски инструмент. Во оваа иницијатива има место за секој оној кој се грижи за квалитетот на високото образование и сака да придонесе кон негово унапредување“, се вели во реакцијата на студентската иницијатива Студентски пленум, откако премиерот Никола Груевски се појави во неколку медиуми и изјави дека студентите се манипулирани од опозицијата.

студентски

Во однос на серијата изјави на премиерот, Пленумот реагира поради недостаток, на како што наведуваат, релевантни анализи за тоа каде и како потфрлува високото образование.

„Уморни сме од оваа излишна реторика, која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира. Студентскиот пленум ќе настојува да го врати нивото на академскиот дискурс кој се базира на критичност и аналитичност, а не на лични дисквалификации и етикетирање“, пишува во соопштението.

Од Пленумот сметаат дека институциите го прифатија нивниот аргумент дека со неможноста да се продолжат студиите, се ограничува правото на образование на студентот, инаку немаше да се повлечат од нивната првична намера и да воведат можност да се полага испитот неограничен број пати.

 

„Во исто време примената на мерката се одложи до 2017 година, и со тоа се амнестираа 4 генерации студенти, што е свесен обид да се демотивира оваа критична маса. Меѓутоа, како студенти – партнери во високото образование (а не корисници), ние не сме амнестирани од одговорноста за тоа какво образование ќе им оставиме во аманет на генерациите што доаѓаат“, се вели во соопштението.

„Немањето на јасен модел и прецизна дефиниција што доведе до терминолошка нејасност (екстерно тестирање или државен испит), е вина единствено на МОН, како ресорно тело во чија надлежност е предложената реформа“.

Студентскиот пленум смета дека државниот испит е насочен кон симптомот, а не кон болеста на високото образование и целиот товар се префрла на грбот на студентот, а ги игнорира факторите што влијаат на квалитетот.

„Би сакале делумно да се сложиме со премиерот кога вели ‘политиката ги извади студентите на улица’. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица“, соопштуваат од Пленумот.

Претходно, премиерот Груевски се појави во неколку медиуми каде рече дека екстерно тестирање во виското образование не се планира и нема да има, а она што се разгледува е воведување државен испит кој за да им се олесни на студентите се дели во два дела -првиот се полага после втора година, кога ќе ги положи испитите од втора година и тоа се по неколку прашања од сите испити кои што ги положил.

Премиерот најави дека овој испит ќе започне од следната учебна година и ќе ги зафати студентите што тогаш ќе се запишат.