Студентски избори на УКИМ – додека едни гласаат, други ќе блокираат

За студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес е еден од најважните денови, бидејќи ќе го бираат својот претседател, кој во иднина ќе треба да ги претставува нивните потреби и да ги решава проблемите во високото образование, кои се натрупуваат со секоја измината академска година.

На 23 факултети од скопскиот универзитет се поставени изборни кутии, во кои студентите треба да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.

Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Во интервју за Радио МОФ и двајцата ветуваа програми со кои ќе се надминат проблемите во високото образование, но ниту еден од нив немаше намера да се откаже од изборите, за кои Студентски пленум алармираше дека се нелигитимни и нелегални.

Според Пленумот, нелогично е да се одржат избори во период кога голем број студенти се отсутни, поради сезонска работа во странство, или бидејќи си отишле во своите родни градови.

Василевски во интервјуто рече дека легитимноста е прашање кое треба да се остави по изборите, решен да оди на изборите во кое било време.

„Сметам дека студентите кои би сакале да гласаат треба да се спремни и да дојдат да го дадат својот глас бидејќи се работи за нивната иднина. Јас ги повикувам да дојдат и да го остварат своето право на глас“, рече Василевски.

Од друга страна, Поповски во интервјуто рече дека според него, бројот на студенти кои заминале во странство и не е толку голем за да би претставувало проблем да се одржат изборите.

„Да бидам искрен не се согласувам дека бројот на студенти кои се на летна работа надвор од државата (Work&Travel) е енормен или до толку голем да би претставувало проблем да се одржат изборите и мислам дека со тоа што јас сум решен да придонесам за подобар студентски стандарт не попречувам некого да гласа, напротив – тоа треба да биде еден поттик плус да моите колеги кои живеат надвор од Скопје, а во моментот се заминати, да дојдат и да ме поддржат за тоа што е наша заедничка цел – почитуван УКИМ со успешни студенти“, рече Поповски.

Во пресрет на денешните избори, кои ќе започнат во 10 часот, од Студентскиот пленум најавија активен бојкот со собир пред платото на УKИМ во 12 часот и со блокада на местата каде што ќе се гласа.

Тие сметаат дека двајцата кандидати ја темелат својата кандидатура на поддршката на 13 парламенти, кои немале право да им ја дадат, бидејќи им е истечен мандатот. Според Студентскиот пленум, овие избори не смеат да се случат, откако на последница на Сенатот е договорено да се формира комисија што до 15 септември треба да изготви предлог-измени во Статутот за студентското дејствување.

Студентската иницијатива, составена од повеќе студентски организации, заедно со Пленумот, во повеќе наврати спроведе герила акции со кои го изразија своето незадоволство против изборите, како импровизираната гласачка кутија пред затворените врати на СПУКМ, со која прашаа дали и вистинските избори ќе бидат зад затворени врати.

Студентските избори влијаат и врз изборот на ректор, велат од Пленумот, бидејќи новиот ректор е избран од нелегитимни претставници од Студентскиот парламент, кој во Сенатот на УKИМ делегира со 10 члена и нивните гласови може да бидат пресудни за конечниот избор.

Ова беше причината поради која студентите направија блокада на Ректоратот во понеделникот, пред седницата на Сенатот, на која за нов ректор беше избран актуелниот декан на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски.

Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.