Студентска окупација и во Амстердам

Пред две недели, студентска организација која се нарекува „Новиот универзитет“ ја окупираше зградата Maagdenhuis, седиштето на Универзитетот во Амстердам, но и една од примарните локации на Факултетот за општествени науки.

Студентите протестираат против новиот план за реорганизација, со кој повеќе јазични студии ќе треба да се спојат, а со тоа студентите сметаат дека ќе бидат укинати работни места. Во исто време, студентите протестираат против универзитетското финансирање, кое е засновано на бројот на дипломирани и побараа да се финансира врз основа на тоа колку самото образование чини. Тие исто така повикаа на демократизација на универзитетот, со избори на сите нивоа и на воведување можност за отповикување преку референдум.

Со овие барања, студентите се поставија против неолибералното и авторитарното управување со високото образование. Нивна цел е демократија на универзитетот.

Студентската окупација се случи откако претходно, околу 1500 студенти одржаа демонстрации, по што 200 од нив влегоа во зградата и ја окупираа, а 30-на останаа да спијат во нејзините простории.

Неколку дена подоцна, Извршниот одбор на универзитетот одговори на студентската окупација така што ги тужеше студентите, а судот донесе одлука тие да бидат казнети со по 1000 евра за секој ден поминат на факултетот.

Веќе во вторникот, полицијата изврши рација на факултетот, апсејќи 46 лица, при што еден студент беше повреден од полицискиот коњ. Неколку од активистите биле ослободени уште истиот ден, а повеќето останале во притвор до наредниот ден.

Веднаш потоа се организираше протестен марш „За демократско високо образование“, на кој, како што пренесуваат одредени медиуми, присуствувале над 1000 студенти. Тие преку иронични транспаренти го коментирале тоа што биле претставени како „мал број демонстранти“.

Градоначалникот на Амстердам, Eberhard van der Laan, како и началникот на полицијата во градот се сретнаа со демонстрантите вечерта во среда, а министерот за образование, Jet Bussemaker ги посети вчера попладне, со цел да воспостават дијалог со нив.

Louise Gunning, претседателката на управниот одбор на универзитетот, претходно ги замоли демонстрантите да ја напуштат просторијата.

„Ако сте демократи, тогаш не окупирајте туѓ имот. Не прифаќам да ја окупирате зградата“, рече таа.

Сепак, студентите продолжуваат со окупацијата – организираат предавања, јавни дебати и состаноци. Во меѓувреме, тие подготвуваат и планови за протести и други форми на граѓанска непослушност, сè додека Oдборот не престане да ги игнорира нивните барања.

Ова всушност претставува прва посериозна форма на студентски протест во Холандија, откако во 1969 година се одржала петдневна окупација во истата зграда, што се смета за врв на студентскиот активизам во земјата.

Студентите досега добија голема поддршка и на меѓународно ниво. Тие објавија отворена петиција на која секој може да се потпише во знак на поддршка. Неодамна, свој потпис на петицијата даде и познатиот филозоф  Etienne Balibar, од катедрата за европска филозофија на Универзитетот Кингстон во Лондон.