Студентите во Битола поминаа уште една ладна ноќ

Окупацијата на Техничкиот факултет во Битола продолжува веќе трет ден иако студентите две ноќи по ред спијат во простории без парно греење. Тие информираат дека парното и синоќа било исклучено во вечерните часови, за надлежните да го вклучат во осум часот утрото.

Според Борис Николевски од Студентски пленум – УКЛО, деканот дозволил студентите да користат уште две простории од побараните четири. Сепак, тие и покрај проблемите со греењето велат дека не се откажуваат од окупацијата и спроведувањето на активностите.

Во меѓувреме, студентите продолжуваат со бојкотирање на наставата во предавалните каде што таа се  одвива.

„Разбравме дека дел од професорите не држат настава, туку само доаѓаат да се регистрираат. Досега најмногу поддршка ни даваат професорите од Техничкиот факултет“, рече Николевски.

Тој во име на Пленумци им се заблагодари на граѓаните кои донираат за студентите и им ја даваат својата поддршка. Синоќа студентите од УКЛО го повикаа и министерот Абдилаќим Адеми да ја посети нивната автономна зона во Битола.

Битолските студенти за разлика од останатите автономни зони денот го почаа со DJ сет и изложба на Никола Славевски, додека во 17 часот е најавено предавање на тема „Бела ружа и отпор против нацизам“.