Стравот влада чува – нова акција на „Студентски пленум“ во Битола

„Стравот влада чува“ и „Одговор сега или на марш?“ се неколкуте пораки кои студентите од „Студентски пленум“ во Битола ги оставија на Широк Сокак, Ректорат и пред студентскиот дом како знак на незадоволство за воведувањето на државен испит. Синоќа, на својата Фејсбук страница објавија фотографии од акцијата со веќе препознатливите хаштази #СтудентскиПленум и #ПоздравПленумци посочувајќи дека студентите се неуморни.

Воедно, тие ги запрашаа останатите студенти дали и тие ќе протестираат како нивните колеги во Скопје откако на Фејсбук се појави настан за студентски протест во петок.

Досега, „Студентски пленум“ во Битола одржа четири студентски собири, уште една ноќна акција и протест на кој излегоа околу илјада студенти.