Странците не го бендисаа сместувањето во студентскиот дом „Пелагонија“

Фудбалските фанови кои за време на Супер Купот допатуваа во Скопје и резервираа соби во студентскиот дом „Пелагонија“, останаа разочарани од она што ги пречека. Барем ако се суди по коментарите оставени на сајтот „Booking.com“, преку кој се прават резервациите.

Со потпросечна оценка 4,2 од можни 10, гостите најмногу негодуваат бидејќи во време на Супер купот во домот се вршеле градежни зафати, но и од тоа што собите во кои биле сместени не биле исти како на сликите од „Booking.com“.

„Зградата се реконструираше, па поради тоа имаше отпад и нечистотија. Фотографиите на страницата (Booking.com) се од најдобрите соби и тоалети, нашата соба и тоалет беа одвратни. Светилките во нашата соба не работеа, само една беше во ред. Немаше завеси, а собата беше претопла поради сонцето. И најскандалозно беше тоа што видовме лебарки во нашата соба третата ноќ“, пишува гостин од Унгарија кој сепак забележува дека персоналот бил мошне услужлив кон нив како гости.

Негов сограѓанин пак пишува дека треба да се забрани овој дом да сместува гости, а силни критики за собите, нечистотијата и високите цени стигнуваат од гости од Босна и Херцеговина и Велика Британија.

Разбирање, според коментарите на сајтот, има само гостин од Србија, кој пишува дека домот се реконструира.

И покрај тоа што екипата на Радио МОФ, пред Супер Купот побара дозвола за фотографирање на собите каде ќе се сместуваат странски гости по цена и до 150 евра од вечер, од ДСД „Пелагонија“ не беше одговорено потврдно на ова барање. Тешко се доаѓаше и до информациите за тоа како била донесена одлука соби во домот да се издаваат на странци за Супер купот во Скопје, како и за тоа како беа формирани „солените“ цени.

ДСД„Пелагонија“ се подготвува за гостите што ќе платат и по 150 евра за соба од вечер

„Пелагонија“ беше единствениот државен студентски дом во Скопје кој примаше странци за Супер купот. Останатите домови останаа отворени само за студенти. Супер купот во Скопје се играше на 8 август, а Скопје беше преплавено од фудбалски фанови кои допатуваа за да го следат натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“.