[Став] „Пинг-понг“ играње со мандатот за новата влада

Ниту еден политички субјект не ја доби мнозинската поддршка, бар од легитимен аспект. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со 51 односно 49 мандати, претставуваат локомотива без вагони. Ниту имаат доволен број мандати за самостојно формирање на идната влада, ниту пак умеат да се договорат со албанските политички претставници за формирање на стабилна влада, пишува Митко Арнаудов, докторанд на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Изборите во Република Македонија завршија. Политичката криза и понатаму зема замав, впрочем на сите им беше јасно дека изборите се далеку од вистинското решение. И така испадна! Анимозитетите во македонскиот блок се повеќе се изразуваат, додека албанските партии тргнаа во своеврсно обединувување на албанскиот блок. Меѓународните претставници „тивко“ ги следат настаните во оваа мала, западно-балканска „бајка“. Најчесто бајките се завршуваат со среќен крај, со победа на љубовта и разумот, но во случајот на македонската држава работите се одвиваат поинаку.

Ако ништо друго барем овие избори во Република Македонија покажаа и докажаа дека во оваа држава не постојат политичари со државнички манири. Секое нивно ветување во интерес на граѓаните слободно можеме да кажеме дека „паѓа во вода“.

Македонските политичари и понатаму ја користат старата метода. Во случај на дефицит на економски алтернативи за финансиска стабилизација и одржливост на македонските граѓани, тие им нудат национален идентитет, безкомпромисна заштита на знамето и јазикот и очувување на територијата на државата од одредени екстремисти.

Политичките претставници од албанскиот блок само ја копираат истата тактика. Али Ахмети постојано говори за правата на Албанците во Македонија, додека неговиот најблизок соработник, Артан Груби, се гордее со „скандирањата за УЧК“ за време на изборната кампања. И наместо како одговорен политичар да ги смирува страстите кои предизвикуваат меѓуетнички тензии, тој додатно „се фали“ на електронските медиуми со изјавите како „УЧК ја води македонската влада“, односно како „УЧК ја води македонската држава“.

А до каде стигнавме после изборите? Граѓаните го кажаа своето. Ниту еден политички субјект не ја доби мнозинската подршка, бар од легитимен аспект. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со 51 односно 49 мандати претставуваат локомотива без вагони. Ниту имаат доволен број мандати за самостојно формирање на идната влада, ниту пак умеат да се договорат со албанските политички претставници за формирање на стабилна влада која би била во можност повторно да ја придвижи македонската држава кон остварување на стратешките интереси.

Во текот на ова „бунило“ албанските партии се обединуваат и подготвуваат терен за „рововско преговарање“. Одеднаш двојазичноста на целата македонска територија им стана императив и се повеќе изразуваат симпатии за нивно вклучување во преговорите со властите во Атина за уставното име на државата.

И не само тоа, после консултациите со нивниот „татко“, Еди Рама, албанските политички претставници „срамежливо“ започнаа да претендираат и кон највисоките политички функции во државата, Претседател на Собранието, Премиер, а после две години зошто да не и Претседател на државата. Сето ова јасно ни покажува дека интересите на граѓаните се далеку од интересите на политичарите. Односно граѓанските и политичките интереси во Македонија се конфронтираат. „Берзата“ на македонската политичка сцена препознава само раководни позиции и индивидуална материјална добивка. Додека државата и нејзините граѓани секогаш се на последно место.

И сега повторно да се запрашаме: Зошто би било изненадување доколку Албанец застане на чело на идната македонска влада? Или зошто македонските граѓани би биле вчудоневидени доколку македонската држава наскоро прифати промена на своето уставно име? Тоа се повеќе претставува тековна и нормална состојба во Република Македонија. Политичари во спрега со криминалот и граѓани во сојуз со сиромаштијата ги туркаат државните и стратегиски интереси во бездна без можност за спасување. Во сето ова штетата е на страна на граѓаните и државата. Политичари ќе успеат да ја испреговараат својата слобода, но дали македонските граѓани ќе успеат да ја зачуваат својата слобода без македонската држава. И тоа е реалноста. Изборот е едноставен. Всушност после изборите македонските граѓани се наоѓаат пред раскрсница: на едната страна се политичарите без исклучок, со нивното криминално бреме, додека на другата страна македонската државност и сувереност заедно со слободата во духот на демократските и либерални вредности!!!