[Став] Никој во Македонија не знае точно колку е загаден воздухот

Пишува: Кирил Пржо

Информациите за загадувањето на воздухот во Македонија, нас, граѓаните, не доведуваат во состојба како кога имаш камче во чевелот што ти пречи, но не знаеш колкаво е, од каде е, колку време ти е во чевелот и како ќе влијае врз твоето здравје. Никој во Македонија не знае точно колку е загаден воздухот бидејќи податоците кои се достапни во државава се непрецизни и не може да ги сметаме како вистинити.

Причината за ова е навидум банална: мерните апарати не се одржуваат редовно, не се баждарат тековно и никој до сега не ги усогласил за да се добие реален и издржан податок за нивото на загаденост на воздухот во градовите во Македонија. Оттука, податоците не може да се споредуваат ниту со други загадени градови низ светот, а ниту хронолошки, по години, за да се набљудува нивото на загадувањето на воздухот, на пример, во Битола, Тетово или Скопје.

Што е загаден воздух?

Во ера на глобално загадување, денес, речиси и не може да се зборува за чист воздух, особено во пределите кои ги населува човекот, во урбаните места и големите градови. Поради тоа, од практична гледна точка, воздухот се смета за загаден ако содржи супстанци со концентрации кои предизвикуваат штетни последици по здравјето на човекот и другите живи организми како и нивната животна средина, а нанесуваат штета и на економијата на човекот (Мулев, 1997 ) (1.).

Мерењето на загаденост од било кој фактор не е како мерење на крвен притисок или, пак, како мерење на телесна температура – високо и/или ниско, туку претставува специфична мултидисциплинарна анализа на присуство на различни материи во атмосферата. Мерењето на загаденоста на воздухот е дел од урбаниот еколошки мониторинг. Со него се оценува влијанието на антропогената, човековата активност врз животната средина (а не само врз човековото здравје).

Еколошкиот мониторинг претставува правилно и систематско, квалитативно и квантитативно анализирање преку стандардни процедури (Левков, 2006 ) (2.).

Според Законот за заштита на воздухот од загадување, во Македонија постојат пропишани максимално дозволени концетрации (МДК) на загадувачки супстанци во воздухот. Сите податоци кои се добиваат се споредуваат со овие максимално дозволени концентрации, а за оние концентрации на загадувачки супстанци за кои според Законот нема МДК, се користат Директивите на ЕУ (за повеќе информации за максимално дозволените концентрации во државата може да се прочита во годишниот билтен на Министерство за животна средина и просторно планирање од 2004 во печатена верзија).

Како (треба да) се мери загаденоста

Резултатите за загаденоста на воздухот во Македонија се добиваат преку систем на т.н. мерни станици, кои последниве петнаесетина години во неколку наврати се поставени низ целата држава. Мерењето на квалитетот на амбиенталниот воздух во Македонија го вршат заводите за здравствена заштита во Скопје и Велес, Министерството за животна средина и просторно планирање и од пред некое време и Управата за хидрометеролошки работи (УХМР). Освен овие институции и компаниите РЕК Битола, Инвестас ДОО-Скопје, ОКТА и ТЕЦ Осломеј доставуваат податоци за самомониторинг на квалитетот за воздухот во својата околина. Автоматските мониторинг станици за квалитет на воздух мерат еколошки и метеоролошки параметри, кои пристигнуваат модемски во централната станица на секој час. Од еколошките параметри се мерат: CO2 – јаглерод диоксид, SO2 – сулфур диоксид, азотни оксиди, озон како и SPM и PM10 честички. Исто така, се мерат и метеоролошки параметри како брзина и насока на ветар, температура, влажност и др.

Сите мерења се внесуваат во Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух. За жал, овие податоци се основни и единствени врз кои се базираат и сите други мерења и класификации кои доаѓаат од „различни“ извори и од кои граѓаните и невладините организации се информираат и реагираат. Различните извори всушност се исти бидејќи изворот кој ги „храни“ е еден – Државниот автоматски мониторинг, а тој нема релевантни податоци. И така, кругот со неверодостојни податоци се затвора.

Целиот текст прочитајте го на Respublica.edu.mk