[Став] Kолеги наставници – разбудете се!

Почитувани колеги, вчера во ОУ „Крсте Мисирков“ се одржа состанок на Наставнички пленум, Куманово, на кој учествуваа наставници од основни и средни училишта од Куманово. Со оглед дека не беа присутни наставници од две средни и неколку основни училишта, би сакала со Вас да ги споделам моите размислувања по прашањето за нашето учество во Наставнички Пленум и она за што се залага НП.

Во оваа прилика, добро е да размислиме за можноста да бидеме активни учесници во една дебата која ја отвора НП во повеќе градови и со свои лични ставови, аргументи, предлози и можни решенија да дадеме придонес во борбата за враќање на достоинството на наставничкиот позив и градење квалитетен образовен систем.

Би сакала да го искажам моето лично уверување дека во овие околности, секој наставник во Република Македонија треба и мора да биде свесен за улогата која ја има пред учениците, пред општеството и пред себе, во процесот на воспитание и образување на младите. Затоа би сакала го замолам секој наставник поединечно, целосно да ги прочита Законот за наставници, Законот за Академија на наставници и сериозно да размисли дали новите законски решенија одат во прилог на поквалитетен образовен процес. Дали со новите решенија децата ќе имаат подобри знаења, родителите посреќни деца, а наставниците подобра училишна пракса? Откако ќе ги прочитате сите членски одредби на Законите за основно и средно образование, доколку сте уверени дека нудат подобри решенија, тогаш применете ги во пракса. Но, доколку не се согласувате со некои од нив, посветете малку време и ставете ги на хартија Вашите забелешки, проблеми во училишната пракса, аргументи, ставови, мислења, сугестии, предлози, решенија, со цел да го потенцираме она што му нанесува сериозна штета на ученикот (преку озваничување на оценката од екстерен тест во свидетелството), на родителот, на наставникот (вреднувањето на неговата работа врз основа на резултатите од екстерниот тест), и на целиот воспитно образовен процес (нелегитимноста на екстерното прави сериозни штети на квалитетот на образовниот процес).

Наставникот има професионална, морална и етичка одговорност да се спротивстави на она што може да ги уништи ученичките потенцијали. Во овие околности, најмалку што може секој еден наставник е да одвои малку од своето време за една анализа на ефестите од екстерното тестирање, администрацијата на наставникот, професионалниот и кариерен развој на наставникот и она што е најважно – што како краен резултат се постигнува со вака поставениот образовен систем во општеството.

Почитувани наставници, борбата на НП е за одобар образовен систем: во делот на наставни планови и програми, процесот на подучување и учење, следење, проверување, вреднување и оценување на учениците, соработката со родители, ефективна администрација, професионален и кариерен развој на наставниците поставен врз здрави основи, јакнење на образовните стандарди. Затоа, доколку и Вие се залагате за истите цели и сте подготвени да се бориме заедно за подобро образование на нашите деца, покажете проактивност и бидете дел од нови решенија кои ќе донесат подобро образование за младите на оваа земја. Оти друга земја немаме, оти ние сме сега оние кои ги учат децата на оваа земја и оти не смееме да дозволиме осиромашување на нивниот ум и потенцијал.

Можеби нашата земја е мала, но таа има 30.000 наставника. Во овие денови кога се носат важни одлуки за образовниот систем на едно општеството, наставникот ја има улогата на гласноговорник за она што се нарекува квалитет и затоа колеги наставници РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Биљана Димковска, Наставнички пленум