Средношколски пленум: И покрај заканите со казни, утре почнуваме со бојкот на наставата

Средношколскиот Пленум ги радикализира своите мерки и активностиИ покрај гласините за изречување на парични казни кон родителите и професорите, нашиот бојкот на настава сепак ќе започне утре, истакнаа од Средношколскиот пленум на денешната прес конференција.

„Причината за нашиот бојкот е игнорантноста на МОН кон Средношколскиот пленум и секој наш обид да стапиме во контакт со раководството на МОН.Веќе две недели се обидуваме да закажеме средба која МОН ја одбегнува и за која даде лажни ветувања дека ќе се оддржи.Да нагласиме дека според член 155 од кривичниот закон на Р.М, секој оној што со сила, измама или на друг начин ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир ќе се казни со парична казна или затворска казна од 1 година. Исто така според член 156 од кривичниот законик на Р.М. секој кој на друг со сила или сериозна закана ќе му го одземе или ограничи правото на штрајк ќе се казни парично или со казна затвор.
Потсетуваме дека според законот за средно образование, глоба од вредност на 2000 евра може да биде изречена на ученикот само ако ученикот континуирано 25 работни дена отсуствува од настава“, велат од Средношколски пленум.

Радикализирањето на активности на Пленумот за стопирање на лошите реформи во образованието преку бојкот на наставата доаѓа како резултат на незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните кон нивните барања. Тие го повикуваат министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, да ги прими претставниците од Средношколскиот Пленум на средба и преговори, бидејќи во спротивно, ќе продолжат активностите за изразување на незадоволството и револтот кај средношколците.

Од Средношколски пленум бараат враќање на стариот концепт за полагање државна матура, но и укинување на екстерното тестирање за учениците.