Средношколски пленум: Притисоци има постојано, но има и надежна атмосфера

„Притисоци има постојано. Со лажни закани дека ќе се запишуваат негативни оценки, како и изостаноци без основ“, велат средношколците од Пленумот во Скопје, кои веќе четврти ден продолжуваат со бојкот на наставата.

Како што информираат, заканите најчесто доаѓаат од директорите, од некои професори, но дел и од персоналот во училиштата. Сепак, тие велат дека заканите кон нив и нивните родители не ги обесхрабрува, напротив, тоа ги поттикнува останатите средношколци да го шират бојкотот и во своите градови.

„Средношколците не се плашат, не се плашат од закани, имаме алтернативна настава во холовите и имаме надежна атмосфера“, велат од Пленумот.

Во моментов, бојкот на настава се одвива во девет средни училишта во Скопје, а се приклучуваат средни училишта и од другите градови како Охрид, Тетово, Велес, Струмица и Куманово.

Денеска средношколците во Охрид ќе маршираат против, како што велат, лошите реформи во образованието, а во Битола пак, вечерва ќе решат дали и во нивните средни училишта ќе се прогласи бојкот на настава.

Од Пленумот велат дека не се откажуваат и дека ќе продолжат да бојкотираат додека не се одржи средба со министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми и додека не бидат прифатени нивните барања, односно да се врати стариот концепт на државна матура и да се укине екстерното тестирање.