Средношколски марш утре во Кичево

Кичевските средношколците најавија дека утре ќе излезат на марш под мотото „Стоп за лошите реформи“. Машот ќе започне во дворот на СОУ „Мирко Милески“ и SHMK „Drita“ во 11 часот, а ќе заврши пред канцелариите на Министерството за образование во Кичево.

„Бараме враќање на стариот концепт за полагање матура и мирување на законот за екстерно тестирање.
Време е да покажеме дека нема да дозволиме да експериментираат со нас! Да се собереме што е можно повеќе и едногласно да кажеме НЕ на лошите реформи!“, порачуваат кичевските средношколци.

Како што се наведува на Фејсбук страницата на настанот, за време на маршот е забрането истакнување на партиски,религиозни и етнички симболи, секаков вид вандализам, пропагирање на вертикална структура на организирање, насилство и говор на омраза, како и користење алхохол, дроги, оружје и пиротехника.

Во текот на изминатот месец се организираа средношколски маршеви, мирни собири пред училиштата и протести во повеќе градови низ Македонија. Од Средношколскиот пленум имаат две главни барање – враќање на стариот концепт на државната матура и укинување на екстеното тестирање.