Средношколците тешко разликуваат дали една вест е вистинска или „кромид“

Младите се поделени во ставовите за тоа дали можат да препознаат вистинска од пара-вест. Според некои, вината е кај новинарите и нивното необјективно известување за одредени настани. Други, пак, сметаат дека сепак знаат да ги препознаат грешките во новинарското известување и дека тие не се разликуваат многу од возрасните кога станува збор за медиумска писменост.

Вчера, под слоганот „Размислувај критички, делувај етички“, Високата школа за новинарство и за однос со јавноста во Скопје за првпат организираше Медиумски ден за средношколците.

„Мислам дека сме доволно едуцирани за да правиме разлика, но да бидеме реални, новинарите не секогаш ја кажуваат вистината, така што, не може секогаш да се прави разлика“, вели средношколката Тина Јанева.

Но, некои сметаат дека преувеличувањето на настаните е она што им отежнува да препознаат.

„Јас искрено не можам да препознаам кога некој ги преувеличува работите и кога се извртува она што излегува во јавноста. Мислам дека многу слабо се информирани средношколците бидејќи на некој начин како да сме изолирани и не ги разбираме некои работи, а никој не се ни потрудува да ни објасни“, вели средношколката Антоанела Јаки.

Според Александра Теменугова, предавач на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, овој настан им овозможи на стотина средношколци да се доближат до медиумската индустрија бидејќи како што вели таа, младите се најподложни на медиумската пропаганда.

Средношколците имаа можност преку посета на неколку медиуми и директна комуникација со вработените во медиумите да го осознаат процесот на создавање медиумски производ.