Средношколците од утре ќе кампуваат пред МОН

Во 10 часот утре, средношколците од Средношколскиот пленум ќе постават камп во Паркот на новинари спроти зградата во која се наоѓа Министерството за образование и наука. Тие велат дека четвртата недела од бојкотот ја продолжуваат со 24-часовно присуство пред зградата, по што очекуваат дека министерот Абдулаќим Адеми што поскоро ќе ги повика на разговор, јавува Нова. 

Од Средношколскиот пленум на денешната прес-конференција пред МОН соопштија дека бојкотот во училиштата продолжува, со тоа што учениците ќе ја бојкотираат наставата, а по завршувањето на часовите ќе се приклучат на кампот пред МОН.

Среднопколците ги повикаа сите граѓани да дојдат и да им ја дадат потребната поддршка.

Исто така, средношколците посочија дека не се плашат од тоа што, законски, уште две недели бојкот може да значи бркање од училиштата и велат дека немаат намера да го прекинат ваквите активности се додека не се случи средбата со министерот.

Досега, според статистиката на Пленумот, над 18.000 средношколци ја бојкотираат наставата ширум Македонија. Нивните барања се враќање на стариот концепт на полагање на државна матура, ставање на Законот за екстерното тестирање во мирување и укинување на електронското полагање државна матура.