Средношколците во Делчево маршираа против задолжителната математика

Со паролата „Стоп за лошите реформи“, стотина средношколци од сите генерации во Делчево денеска излегоа на улица да го искажат својот револт против задолжителното полагање математика на државна матура и начинот на полагање на екстерното тестирање. Воедно, како што информираат, учениците од втората смена целосно ја бојкотираат наставата.

Средношколците протестираа пред нивната гимназија „Методи Митевски Брицо“, по што со свирежи и транспаренти на кои пишува „Доста беше молк“, „Кој, ако не ние. Кога, ако не сега“, како и „Не полагавте екстерно, а сега сте министри. Зошто ние да полагаме“ маршираа низ градот со цел да го свртат вниманието на минувачите, но и на надлежните институции.

„Ќе се организираме во наредниот период да не одиме на настава и ќе одлучиме како ќе продолжиме со протестите“, вели за Радио МОФ, средношколката Марија Стоилкова од Делчево.

Учениците од Делчево им се приклучија на нивните соученици од повеќе градови во Македонија кои во четвртокот, за време на големиот протест пред МОН во Скопје, по вторпат ги доставија своите барања за целосно повлекување на новите законски одредби во средното образование.