СПУКМ распишува избори за нов претседател

Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објави јавен повик за избор на нов претседател на организацијата.

„Почитувани колеги Ве известуваме дека со одлука на Изборната комисија беше донесена одлука за распишување на избори за претседател на СПУКМ. Во прилог на известувањето го имате и јавниот повик кој го има на сите факултети на УКИМ“, пишува во објавата на официјалната страница на Студентскиот парламент на УКИМ.

Одлуката доаѓа откако сегашниот ректор на УКИМ Велимир Стојковски се согласи на средба со студентската иницијатива од повеќе студентски организации, која побара да разговара за нелигитимноста на студентските претставници. Средбата треба да се одржи во вторник напладне.

Претходно, кандидатите за избор на нов ректор се изјаснија дека нема да прифатат победа на изборите, доколку се избрани со нелигитимни студентски претставници.

„Мандатот на Претседателот на СПУКМ, кој е член на Ректорска управа, е истечен веќе втора година, а избори за Претседател на СПУКМ последен пат се распишани 2012 година. Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во Сенатот која не е јавно обзнанета, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува изборот на Ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј, и предизвикува дебатливост за целокупниот процес,“ стои во писмото на здружената студентска иницијатива, кое беше упатено до ректорот Стојковски.