Спин или вистина – кој ги „врти“ граѓаните?

Што е спин? Колку информациите кои се „спинувани“ од разните центри на моќ влијаат врз јавното мислење во Македонија? Како да се препознаат обидите за спинување и кому да се верува? Ова се прашањата кои се почесто си ги поставуваат граѓаните, кои во недостаток на доверба кон медиумите, во голема мера се скептични за вестите и информациите кои се пласираат на дневната медиумска агенда.

Спин или вистина – кој ги врти граѓаните?

За тоа колкава е моќта на спинуваните информации во земјава и дали граѓаните препознаваат што е извртена, а што вистинска информација, разговаравме со повеќе портпароли, новинари и комуниколози. Сите се согласни дека извртувањето на информациите во земјата стана секојдневие.

Спин или вистина – кој ги врти граѓаните?Комуникологот Петар Арсовски вели дека класичната дефиниција на спин е: да се наметне на некаков вистинит факт или информација, одредена интерпретација која ќе биде во полза на оној кој го пласира спинот.

„Тоа во Македонија го практикуваат сите поголеми компании и сите политички партии и е класична техника на комуникација. Со наметнување на интерпретацијата, вие не ја менувате информацијата или фактот, туку само ја менувате нивната интерпретација“, вели Арсовски за Радио МОФ.

Според него, граѓаните се уште не се докрај вешти во препознавањето на спинуваните вести, и препознавањето зависи од тоа колку тие ги следат случувањата и се информираат. „Сепак брзо се еманципира публиката и мислам дека сме на половина пат до лесно препознавање на спиновите“, додава тој.

Спин или вистина – кој ги врти граѓаните?Долгогодишниот новинар Александар Чомовски, смета дека медиумскиот простор е окупиран од спинувани информации и на прв поглед тоа е контроверзно, затоа што информацијата која има глазура, не може да биде информација.

„Таа зад себе има јасна економска или политичка таргет-група. Истовремено спинот стана дел од политичкиот и партискиот маркетинг. Резултат на тоа е и отсуството на новинари со знаење и интегритет. Во Македонија новинарството е сведено на трансмитер на домашните и странски центри на моќ. Отсуството на уреден јавен сервис и отсуството на концепција како МТВ да биде јавен сервис на граѓаните, ги претвори комерцијалните телевизии во партиско-владини трабанти. Затоа и новинарите се дел од филозофијата на спинувањето информации“, вели Чомовски.

Луѓето пак кои се дел од односите со јавноста, велат дека спинот не секогаш е лош и манипулативен начин  на комуникација. Најчесто тој се употребува во кризи, а некогаш се употребува заради тоа што одредени центри немаат соодветен одговор за некоја ситуација.

Спин или вистина – кој ги врти граѓаните?Виолета Цветковска, портпарол во Општината Карпош вели дека за спинот, може да се говори од пракса или од теорија.

„Спинот во пракса се употребува многу често. Како? Зависи од тоа кој како го сфаќа и кој го употребува. Во сите македонски школи за комуникации, теоретичарите го третираат како негативен, лош и манипулативен вид на комуникација, што не е секогаш точно. Во странство, понекогаш се третира и како давање насока на информацијата, што не мора да е лошо. Во праксата, спинот генерално се употребува во кризната комуникација, на пример тоа може да бидат изборите, или пак некоја новонастаната ситуација во која може да се користи како манипулација. Сепак, вистината и искреноста во комуникацијата е многу поделотворна од спинуваните информации. Некогаш, човечко извини во јавноста е подобро од правење спин“, смета Цветковска.

Иво Котевски, портпарол во ivo (1)Министерството за внатрешни работи, исто така вели дека во Македонија се извртуваат одредени информации, од страна на политичари, новинари или партии.

„Ние како институција секогаш се трудиме да бидеме максимално отворени, искрени и коректни за секоја информација која ја пласираме пред граѓаните. Факт е дека често пати се соочуваме со ситуации кога имаме барања од медиумите, за постапки кои не се уште завршени и имаме случаи кога има одредени информации кои не можеме да ги дадеме веднаш. Во такви ситуации, не гледаме да извртуваме туку кажуваме дека во оној момент кога ќе имаме повеќе информации, ќе излеземе со став. Граѓаните сакаат се да дознаат веднаш за одредени случаи, но некогаш не е во полза на истрагата да ги откриеме сите карти кои ги имаме“, вели Котевски.

Во теоријата, најчеста дефиниција за спинот е дека тој е форма на пропаганда,која се постигнува преку обезбедување на интерпретација на одреден настан или кампања, за да го убеди јавното мислење во корист, или против, одредена организација или јавна личност. Познат „татко на спинот“ е Едвард Бернајс, кој сметал дека манипулацијата со јавното мислење е неопходен дел од демократијата, заради што често пати бил критикуван како пропагандист и манипулатор кој работи спротивно на јавниот интерес а во полза на одредени лоби групи.

„Оние кои манипулираат со овој скриен механизам на општеството, како една невидлива влада се вистинската владеачка моќ во нашата земја…Ние сме управувани, нашите умови се моделирани, нашите вкусови се формирани, нашите идеи се сугерирани, најчесто од луѓе за кои никогаш не сме слушнале…Во скоро секој акт на нашите секојдневни животи, без разлика дали во сферата на политиката или бизнисот, или нашето социјално однесување или етичко мислење, ние сме доминирани од релативно мал број на луѓе, кои ги разбираат менталните процеси и социјални шаблони на масите. Тие се оние кои ги влечат конците што го контролираат јавниот ум“, се вели во неговата книга „Пропаганда“ од 1928-та година.

Кристина Озимец