„Соросоиди и предавници“ – трибина за етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество

Во среда во 18:00 часот во ГЕМ клубот, левичарското здружение „Солидарност“ организира трибина насловена „Црвени кругови, Соросоиди и предавници – трибина за етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество“.

„Во чаршијата, читај јавниот простор на општествените размени, угледот е императив. Водејќи се од овој постулат на општествената комуникација, личниот углед е првата цел на партиските препукувања. Најефикасно овие атентати на личностите се вршат преку етикетирањето, кое струи од партиските штабови, преку медиумите до пошироката јавност. Именувањето, етикетирањето ги одбележува непријателите, ги дехуманизира, па дури и демонизира и ги прави легитимни цели за отстрел, макар и за продолжен и продлабочен дискурзивен напад и дискредитација. Притоа се заборава дека угледот е поврзан со човековото достоинство, веројатно најуниверзалната човечка вредност и основа за дефинирање на човековите права. Но, во политиката, посебно нејзината агресивна и примитивна варијанта каква што се практикува во овој дел од светот, грижата за човечката штета на политичкиот противник не допира ни до најдалечните региони на свеста на инволвираните.

Политичкото етикетирање е едно од најсилните оружја во рацете на партиските играчи. Етикетата е кратенка, брз пат до некакво значење. Може да биде позитивна и негативна. Јасно, во политичката арена позитивните етикети се себеприпишуваат, негативните им се лепат на противниците. Црно-белиот свет на партиското, поделбата на Ние, добрите, чесните, вредните, патриотите и Тие, лошите, лажговците, крадците, предавниците се базира на оваа поларизација. Оваа поделба на општеството на непријателски групи, наместо на неистомисленици и спротивставени страни, но со еднакви права на различно мислење е погубна.

ЛД Солидарност ја организира оваа трибина за да го промислиме абсорбирањето, анализирањето и надминувањето на овие погубни техники на владеење. Како да излеземе од овие јазични игри на моќта? Заедно ќе се обидеме да отвориме пат за креирање нов политички субјект – зрел демократски граѓанин кој ќе го уважува правото на различност пред било што друго, наместо армиите партиски послушници кои се секогаш подготвени да п(л)укаат по непријателот постојано и постојано разјадувајќи го општественото заедништво“, се вели во најавата за дебатата.

Воведен збор и модерирање:
Д-р Горан Јанев – антрополог, активист на ЛД Солидарност

Говорници:
Д-р Катерина Колозова – философка, феминистка
Бесим Небиу – аналитичар
Ирена Цветковиќ – активистка.
Никола Наумоски – активист.