СОНК: Штрајкот продолжува, нема да има екстерно во понеделник

Притисоците за уништување на штрајкот на просветарите стануваат пожестоки, но и покрај тоа штрајкот се разгорува во повеќе општини што ја прави централната и локалната власт сè понервозна, изјави денеска претседателот на Самостојниот Синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков.

Според него, заканите врз членството на СОНК стануваат сè поголеми, откако вчера во училиштата каде се штрајкува биле забележани зачестени посети на просветни инспектори кои на вработените им се закануваат со казни од 1500 евра, додека во некои скопски училишта на наставниците им било кажано дека доколку го продолжат штрајкот ќе добијат отказни решенија.

„Се закануваат со исфрлање на просториите на вработените кои штрајкуваат, со правење списоци на тие што штрајкуваат, и на крај како кулминација денеска се врши страотен притисок во понеделник да спроведуваат екстерно тестирање, во време на генерален штрајк. Не, јавно и јасно кажувам дека вработените во основното и средното образование, во ученичките и студентски домови, во детската заштита и во културата се во генерален штрајк. Сите оние кои штрајкуваат согласно правилата за штрајк, не ги извршуваат работните задачи, според тоа, и екстерното тестирање кое треба да се спроведе во понеделник, според законот, нема да биде спроведено“, најави Неделков на денешната прес конференција.

Од СОНК информираат дека и покрај притисоците се штрајкува во повеќе училишта во Карпош, Чаир, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Аеродром, Центар, Арачаново, Сопиште, Сарај, Струмица, Делчево, Куманово, Битола, Кичево Зајас, Гостивар, Струга и други општини.

Тие бараат зголемување на платите, регулирање на минималната плата, укинување на паричните казни за наставниците кои имале слаби резултати на екстерното оценување  на учениците, но и други барања за подобрување на статусот на просветарите. Иако синдикатот најави дека штрајкот ќе трае се додека не бидат прифатени нивните предлози, засега од ресорните министерства нема одговор на барањата.

Во меѓувреме, поддршка за СОНК стигна од Интернационалата за образование и Европската конфедерација на синдикатите за образование, кои со писмо доставено до евроамбасадорот Аиво Орав, премиерот Груевски и министерот за струд и социјална политика Диме Спасов бараат итно да продолжат преговорите помеѓу ресорните министерства и СОНК.

Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ денеска исто така остро ги осуди притисоците и заканите врз членовите на СОНК кои преку нивното легитимно право на штрајк се борат за подобрување на нивните работнички права.

„СОЛИДАРНОСТ упатува безрезервна поддршка на штрајкот на СОНК и нивните членови и воедно ги повикува институциите на власта како и медиумите под нивна контрола да се откажат од кршењето на ова право и оцрнувањето и клеветењето на членовите на СОНК“, соопштија оттаму.