СОНК и Министерството ќе преговараат од понеделник

Работни групи на Синдикатот за образование,  наука и култура  (СОНК) и од Министерството за образование и наука од понеделник на преговарачка маса ќе ги разгледуваат синдикалните барања за подобрување на образовниот процес. Ова бил заклучокот  на  средбата помеѓу  синдикалниот лидер Јаким Неделков  и министерот за образование Абдулаќим Адеми одржана  вчера во попладневните часови, јавува Фактор.

СОНК и Министерството ќе преговараат од понеделник

Средбата доаѓа неколку дена откако генералниот штрајк во образованието беше ставен во мирување.  Овој чекор, според првиот синдикалец  Јаким Неделков, покажува дека  преговорите може да донесат конструктивни решенија во полза на просветните работници, вработените во градинките и културните институции.

“На средбата со министерот одлучивме да формираме пет работни групи од двете страни,  кои секоја поединечно и за посебна  тема заеднички ќе работи на изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни. Работните групи треба да ги формираме следниве два-три дена и веќе од понеделник или најдоцна од вторник да почнат со работа. Преку свои координатори очекуваме со тежината на фактите и аргументите да се дојде до најдобрите можни решенија”-вели Јаким Неделков-претседател на СОНК за Фактор.

Прво и приоритетно прашање кое ќе биде разгледувано преку работни групи е моделот на екстерно оценување кое предвидува казни и награди за наставниците и професорите. Од СОНК бараат негово итно стопирање и донесување на законски измени кои треба да бидат во корист на просветарите и во функција на реалното оценување како на наставниците така и на учениците. Следно за решавање е прашањето околу последните  измени и дополнувања на законите за основно и средно образование кои предвидуваат за време на штрајк замена на наставниот кадар со нов.

Наставниот кадар  во основните и средните училишта, според Неделков  покрај со работната обврска е преоптоварен и со административни работи кои се под лупа на просветните инспекции. Тоа дополнително ја отежнува нивната посветеност и влог во работата, а од друга страна како товар стои и стравот од драконските казни кои доколку не се ревидираат и намалат,  според него, ќе значат дека наставникот ќе треба да работи само да ги плати казните.