Со програмата „Нови визии“ фестивалот „Браќа Манаки“ се отвора кон младите

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ најави новини во програмата „Нови визии“, која ја организира шеста година, а чија основна цел е да ја донесе иднината на филмот и отворање кон што повеќе млади луѓе.

Со програмата „Нови визии“ фестивалот „Браќа Манаки“ се отвора кон младите

Измените се концепциски и програмски – по секој прикажан филм присутните во салата во Битола ќе учествуваат во отворена дискусија која е иницирана од темата и од гостите од филмот, а под модераторство на Ѓорѓи Пулевски, еден од основачите на дебатното кино „Контракадар“ во кое членуваат филмски ентузијасти и активисти од Битола.

Оваа година програмата „Нови визии“ ќе претстави пет исклучителни, наградувани филмови и ќе има гости од речиси секој од насловите. Ќе бидат прикажани: „Лоша фризура“ од Венецуела, „Бела сенка“ од Германија (ќе гостува кинематограферот Армин Диролф), „Виолетово“ од Белгија (ќе гостува кинематограферот Николас Каракацанис), „Варвари“ – копродукцијата меѓу Србија, Црна Гора, Словенија (ќе гостува режисерот Иван Икиќ и речиси целата екипа), „Блеф покер“ -социјално-политичка драма од Индија.

„Овие филмови на оригинален авторски начин отвораат суштински и контроверзни теми поврзани со децата и со младите луѓе, што уште повеќе го оправдува концептот на фестивалот, кој од една страна се труди да ја подигне свеста на луѓето во врска со одредени проблеми во општеството а, од друга страна, истовремено ја промовира филмската уметност“, информираат од Фестивалот.

Триесет и петтиот ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржува од 13-ти до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Слоган на годинашното издание на фестивалот е „Кон ѕвездите“.