Со омраза против критиката – македонска онлајн пресметка без санкции

„Платеници“, „предавници“, „сороспии“… Термините ви се нови само доколку подолго време сте изолирани од интернет. Македонскиот дел од социјалните мрежи е секојдневно преполн со овие или слични квалификации и вулгарности, но и многу подиректни клевети, навреди и разни примери на говор на омраза.

Името на Уранија Пировска, често се наоѓа меѓу таканаречените „платеници“. Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија смета дека клеветите и навредите имаат цел да ја девалвираат нејзината улога на коректив на власта.

Уранија Пировска

„Не би го нарекла тоа говор на омраза, туку повеќе – говорење од омраза. Јас лично се чувствувам навредена, пред сè, затоа што сметам дека Хелсиншкиот комитет даде голем ангажман во она што се нарекува борба против режим. Во смисла дека моето лично право на учество на протест, како форма на демократија, се става како нешто што може да биде платено и нешто за што јас треба да добијам наредба. Моето учество во протестите на Шарената револуција нема врска со мојата позиција во Хелсиншкиот комитет. Јас излегував на тие протести како граѓанин и ќе излегувам на сите наредни против режимот“, вели таа.

„Десоросоизацијата“ е најновиот феномен во македонското општество, но пресметките со неистомислениците не се ништо ново во јавната сфера. Долг период, освен кон граѓански организации, навреди се упатуваат кон различни групи граѓани, етнички заедници или обични индивидуи, кои поради некои нивни активности се мета на социјалните мрежи, интернет сајтовите, па и на дел од традиционалните медиуми.

Пировска смета дека однесувањето на власта преку институциите ги охрабрува граѓаните да се впуштаат во вакви пресметки.

„Секако дека прво постои центар на моќ од каде се даваат директиви за тоа како треба да се врши пресијата врз сите оние кои ја изразуваат својата слобода на мислење и говор, но има и такви кои се охрабрени од феноменот на неказнивост. Гледаат дека овие состојби не се казнуваат, нема реперкусии за луѓето кои повикуваат на насилство – кои дури и физички напаѓаат активисти, новинари…“, објаснува таа.

„Жртвени јарци“

Лепезата на притисоци, застрашување и обиди за рушење на угледот, преку кои одредени структури на власта вршат притисок до групи и индивидуи кои не размислуваат како нив, е широка, смета Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис, активист на социјалните мрежи.

И тој е честа мета на напади на социјалните мрежи, кои, вели, често доаѓаат од анонимни лица. Забележува дека анонимноста најчесто е поради нивна поврзаност со одредени партиски или државни функционери.

Филип Стојановски

„Навредливите пораки ги сфаќам како
порака од одредени центри на моќ дека залагањето за слобода и демократија се непожелни и на оние кои се занимаваат со одредени општествени прашања им се упатува директна закана по нивната работа и егзистенција. Некои се суптилни, некои подиректни. Сепак, тоа е нешто што е недозволиво во едно слободно општество, бидејќи може да влијае не само на индивидуата која е цел на таквите напади, туку и на семејството и околината. Исклучително е штетно по целото општество. Поттикнува поделби“, вели Стојановски.

Тој додава дека, во голем дел, овие пораки се обидуваат да дискриминираат преку дефинирање неподобни групи, граѓани или организации, кои како во тоталитарните системи се означуваат за непожелни во општеството.

„Со тоа се праќа порака до остатокот од општеството дека тоа се некакви обележани жртвени јарци, кои во тој момент треба да се мразат“, посочува Стојановски.

Како до заштита?

Политичарите често го распалуваат интензитетот на нападите. Додека некои корисници на Фејсбук и Твитер прогласуваат „предавници на национални интереси“, други симболично „праќаат Ќосиња“ пред нечии домови.

Токму Пировска беше една од личностите за кои се повикуваше на изразување револт пред нивните домови. За тие случаи, во кои јавно беа споделени нивните адреси, веќе се поднесени пријави до МВР, додека кривична пријава има и за Управата за јавни приходи за протекување во јавноста на личните примања кои ги добиваат.

Двајцата наши соговорници велат дека сите граѓани треба да ги пријавуваат добиените навреди или говорот на омраза преку социјалните медиуми. Пировска смета дека само санкција може да помогне во промена на однесувањето на оние кои имаат одговорност во говорот – на своите профили, блогови или медиумите каде имаат улога. Стојановски, пак, потенцира дека покрај барањето заштита од институциите, добро е да се користат и опциите за пријавување сајбер малтретирање кои се достапни на социјалните мрежи – како и вклучување во различни мрежи на солидарност и известување на другите за тоа што се случува. „Една од целите на тој страв е да се изолираат граѓаните и да се чувствуваат дека ништо не зависи од нив“, дополнува Стојановски.

На веб платформата govornaomraza.mk за три години регистрирани се 268 пријави на говор на омраза или некаква форма на навреда. Најголем број од нив се според етничката и/или верска припадност додека на второ место се регистрирани случаи на говор на омраза поради политичка припадност и социјално потекло, како и поради полот и сексуалната ориентација. Оваа статистика, сепак, е само незначителен процент од навредите и клеветите кои секојдневно се шират преку социјалните мрежи, а од кои граѓаните не можат да се заштитат.

„Кај нас тоа го прават најчесто слободомислечки граѓани кои изразуваат критика и револт против политиките на оваа власт. Ние ги документираме и ги испраќаме до МВР. За жал не постои друг начин да се заштитат. И ние знаеме дека МВР можеби нема да постапи, но сметам дека сите тие случаи мора да бидат документирани. Еден ден ќе дојде до промена на системот, до промена на власта и во МВР ќе дојде некој што ќе се зафати со тие случаи“, смета Пировска.

Даниел Евросимоски