Смртта на мајмунчето Дино: ЗОО Скопје тврди дека умрело по операција, „Анима Мунди“ најавува пријава

По јавното прашање на здружението „Анима Мунди“ до Зоолошката градина во Скопје, за тоа дали и на кој начин умрело мајмунчето Дино, реагираа надлежните.

„Ве информираме дека на 18-ти декември, при меѓусебен конфликт на два мајмуни од видот павијан, едниот од нив, познат во јавноста како Дино, како резултат на конфликтот се здоби со тешка повреда на предната нога. Веднаш беше упатен на Факултетот за ветеринарна медицина при што беше извршена ветеринарна интервенција за санирање на здобиената повреда. За наша и ваша жал, павијанот Дино не ја преживеа операцијата“, информираат од ЗОО Скопје.

ЗОО Скопје демантира дека постоел несоодветен третман од страна на вработените, нарекувајќи ги „обвинувања и шпекулации“ сомнежите на „Анима Мунди“. Од Здружението за заштита на животни пак, најавија пријава до ЗОО Скопје, прашувајќи зошто досега молчеле.

„Укажуваме на неопходност јасно да се утврди причината за неговата смрт, затоа што нашите податоци говорат дека е умрел после измачување во период од недела дена (отворена рана и скршена нога) која била предизвикана од негрижа на вработен, а која никако немала да биде фатална доколку на мајмунчето му се укажала навремена ветеринарна помош. Бараме во јавноста да се кажат податоци за тоа кој се грижел за Дино, кој му укажувал ветеринарна помош, кога и на кој начин. Инсистираме да се спроведе истрага и информираме дека Анима Мунди ќе поднесе пријава против Зоолошка градина Скопје“, стои во реакцијата на фејсбук профилот на здружението.