Смартфон апликација за откривање лажни „произведено во Италија“ ознаки

Нова смартфон апликација нуди помош на потрошувачите да направат разлика помеѓу производите кои се навистина „направени во Италија“ и оние кои ја фалсификуваат оваа ознака.

Создадена од непрофитната организација „Reliabitaly“, апликацијата ги користи бар кодовите да одреди дали во нивната база на податоци е потврдено дека продуктот има потекло од Италија, пренесува ББЦ. Кога корисниците го скенираат производот, добиваат и информации за начините на производство, фотографии, видео и технички детали.

Ова е обид да се спречи големиот проблем во италијанската индустрија на храна и пијалоци, каде производите се означени како италијански, иако се всушност ефтини имитации од странски земји. Еден од најголемите такви случаи беше во 2011, кога властите открија масовна измама со маслиново масло кое вклучуваше големи производители.

„Reliabitaly“ објаснува дека апликацијата ќе помага на потрошувачите да ги забележат и продуктите кои само „звучат италијански“ – кои на прв поглед можеби изгледаат дека се од Италија, но всушност се изработени во други држави. Не се работи само за храната и пијалоците, од овој проблем се засегнати и модната индустрија и дизајнерски производи кои исто така можат да се проверат со апликацијата.

Организацијата признава дека некои оригинални италијански производи можеби не се во нивната база на податоци на сертифицирани продукти, бидејќи процесост за пријавување на произведувачите бил волонтерски. Но, тие додаваат дека оние кои немаат ништо да кријат, немаат причина да избегнуваат да се запишат во нивната база.