Словенија одобри геј бракови и посвојување деца

Словенија одобри истополови бракови и посвојување на деца од страна на геј двојки и покрај негодувањето на конзервативните групи и Католичката црква.

Парламентот со 51 гласови „за“ и 28 „против“, вчера ги изгласа измените на законот за семејство со кој се одобрува хомосексуалните двојки да стапат во брак и да посвојуваат деца. Словенија претходно имаше дозволено истополови регистрирани партнерства, но без правото на посвојување деца.

Вчера, неколку илјади луѓе протестираа на марш под мотото „Децата се под прашање“, на кој го изразија своето противење на законските измени. Опонентите најавија дека ќе потегнат процедура за референдум на темата, но сличен обид беше одбиен пред три години.

Левичарскиот пратеник Матеј Ватовец изјави дека парламентарната поддршка за геј браковите, значи дека Словенија ќе стане „вистински толерантно и инклузивно општество“. „Денеска Словенија влезе во 21 век“, додаде тој.

Словенија стана 21-та земја во светот која одобрува еднакви права на брак за сите свои граѓани. Аргентина, Белгија, Бразил, Канада, Данска, Франција, Исланд, Луксембург, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Јужна Африка, Шкотска, Шпанија, Шведска, Уругвај, како и Англија и Велс во Велика Британија, имаат закони со кои истополовите бракови веќе се стапени во сила. Дополнително, Финска се очекува годинава да одобри целосни права за стапување во брак на своите ЛГБТ граѓани во наредната година.

Извор: UsNews/Associated Press, hrc.org