„Слободен индекс“ бара бесплатно образование за сите студенти

„Слободен индекс“ бара бесплатно образование за сите студентиБесплатно високо образование за сите оние кои ги исполнуваат условите за упис на факултет во рамките на утврдените квоти, е барањето на движењето „Слободен индекс“ кое деновиве беше објавено на нивниот блог.

Според студентите кои ја започнаа иницијативата, бесплатното образование е можно, доколку се изврши притисок за попрактична распределба на средствата од буџетот, и наместо за непродуктивни проекти државата да ги преиспита своите приоритети и да го реализира бесплатното образование.

Но, колку е реално остварлив овој концепт и како би се финансирале државните универзитети?

Радмила Ванкоска од „Слободен Индекс“ вели дека факултетите како јавно добро по правило треба да бидат финансирани од државата и од веќе платените даноци на нејзините граѓани.

„Нашето истражување покажа поинаква страна на начинот на кој се финансираат факултетите – околу осум милиони евра се платени од џебот на студентите, што значи дека УКИМ полека и неосетно секоја година се повеќе се приватизира. Само „Скопје 2014“ вреди помеѓу 100 и 500 милиони евра од годишниот буџет, во зависност од изворот кој ја соопштува вредноста. Тоа претставува 2.5 до 12.5 пати повеќе од годишниот буџет, од она што е потребно за бесплатно образование. Бидејќи тој проект е од времетраење од пет години, следува дека со овој износ би можеле да имаме од 15 до 60 години бесплатно образование“, вели Ванкоска за Радио МОФ.

Ваквиот предлог минатата година доби поддршка и од некои универзитетски професори. Една од нив беше и кандидатката за ректорското место на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорката Мирјана Менковска.

„Студирањето на универзитетите е возможно со многу мала школарина, дури и без плаќање на школарина, но само со доволно јавно финансирање и признавање на важноста на универзитетите со висок квалитет во општеството“, вели Менковска за Радио МОФ.

Izjava na profesorkata Mirjana Menkovska by Radio Mof on Mixcloud

Иако го контактиравме Mинистерството за образование и наука, засега оттаму немаат коментар околу предлогот на студентите за бесплатно високо образование.

Пред десетина години, средношколците со одличен успех и со солиден број на поени на приемните испити, имаа можност да влезат во државната квота на факултетите и да студираат бесплатно, што подоцна беше укинато. Студентите што тогаш се запишуваа во приватна квота, плаќаа партиципација од 1000 до 2000 евра.

Кристина Озимец