СЈО го отвори „Трезор“ за злоупотреба на државниот буџет

Специјалното јавно обвинителство отвори истражна постапка под името „Трезор“ во која четири лица се сомничат за „груба злоупотреба на буџетски средства“.

СЈО сомничи три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно раководно лице од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи прибавиле имотна корист за компанијата ДТУ Финзи ДООЕЛ – Скопје и нанеле штета на Буџетот на Република Македонија за нешто повеќе од 53 милиони денари.

„Ова обвинителство ќе вложи максимални напори секој кој злоупотребил народни пари да седне на обвинителна клупа и да ги врати“, рече обвинителката Фатиме Фетаи која го образложи предметот.

Обвинителството најави дека до судот за осомничените ќе побара мерки за обезбедување присуство во текот на постапката и замрзнување имот.

Ова е прв истражен предмет околу економски криминал кој го отвара СЈО.