Систем за собирање стара облека со учество на учениците со посебни потреби

Асоцијацијата „Ајде Македонија“, заедно со државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“ од Скопје воведуваат нов систем за донирање стара облека.

Целта на проектот е да се намали фрлањето отпадот од текстил, да се помогнат лицата од социјално загрозени фамилии, но и да им се овозможи  на лицата со посебни потреби да покажат дека можат да придонесат со својата работа во општеството.

Во контејнер кој е поставен пред училиштето, сите граѓаните можат да го остават стариот текстил и старата облека. Потоа, учениците од текстилната струка ќе се погрижат за преработка на текстилот и тој да добие форма која е соодветна за употреба. Контејнерот е изработен од учениците од машинската струка, градежната струка го бојадиса контејнерот за текстил, додека графичката струка ги направи флаерите за промоција.

Проектот, кој се изведува од тимот на „Ајде Македонија“ и кадарот на училиштето, овозможи учениците со посебни образовни потреби од сите струки целосно да го изработат целиот процес на собирање, преработка и донирање на стариот текстил.