Сиромаштијата може да се лоцира од сателит

Преку компјутерско комбинирање и анализа на детални ноќни и дневни сателитски снимки од земјите во развој, тим научници од Универзитетот во Стенфорд можат да предвидат каде живеат најсиромашните луѓе.

Истражувањето објавено во магазинот „Наука“ има цел да се надмине недостатокот на прецизни и точни информации за локацијата на најсиромашните делови од земјите во развој и кои се причините за тоа. Ваквото детално мапирање на сиромаштијата може да биде многу значајно на хуманитарните организации и креаторите на политики во поефикасно справување со овој глобален проблем.

И претходно постоеше интерес од научната заедница кои се прашуваа дали сиромаштијата може да биде детектирана преку анализа на сателитските снимки кои постојано се прават од планетата Земја. Првите обиди за тоа беа преку ноќни снимки и изворите на електричната светлина  преку кои се гледа инфраструктурата на регионот. На овој начин можеше да се добие груба слика каде живеат побогатите, а каде посиромашните луѓе, но не можеше да се воочи разлика помеѓу сиромашните и најсиромашните региони.

Новото истражување од тимот општествени и компјутерски научници на Универзитетот Стенфорд, опфати пет африкански земји, Нигерија, Малави, Руанда, Танзанија и Уганда. Ги анализираше дневните снимки од овие земји кои даваат дополнителни важни индикатори. Голем број на ситни податоци кои се пресложени за човекот да ги забележи, но преку компјутерска анализа се претвораат во доста прецизна прогноза за примањата на домаќинствата.

„Ако му дадете на компјутерот доволно податоци тој ќе сфати што треба да бара. Направивме компјутерски модел кој ќе пронаоѓа работи во сликите кои предвидуваат сиромаштија. Може да пронајде патишта, урбани локации, земјоделски површини, извори на вода – тоа се работите кои ги препознаваме. Но исто така може да најде нешта кои не ги препознаваме. Шаблони во сликите кои нам не ни изгледаат како ништо значајно, но компјутерот ги искористил за прогноза каде се наоѓаат сиромашните луѓе“, изјавил д-р Маршал Бурк од Универзитетот Стенфорд за ББЦ.

Хуманитарните организации прават теренски анкети во сиромашните региони на овие земји, но такво мапирање одзема време и средства, а резултатите не се секогаш сеопфатни и најточни. Преку компјутерски процес овие трошоци би се намалувале. Тоа не значи дека податоците од терен нема да бидат важни и потребни за да се поткрепат и потврдат компјутерските анализи, но комбинирањето на повеќе техники би било многу поефикасен начин за мапирање на сиромашните региони.

Тимот кој го спроведе истражувањето најавува дека со оваа технологија сакаат да ја опфатат целата територија на Супсахарска Африка, а понатаму да го прошират и на сите светски земји во развој.