Шест причини зошто Сиријците бегаат во Европа во сé поголеми броеви

Melissa Fleming, вработена во UNHCR, за Guardian објаснува зошто толку многу бегалци се решаваат на долг пат до Европа.

1.Војната во Сирија не покажува знаци дека ќе заврши. Луѓето продолжуваат да бегаат, а бегалците во соседните земји губат надеж дека ќе можат да се вратат дома

Во Сирија, ситуацијата продолжува да се влошува, а борбите се интензивираат во сите региони на земјата. Економијата и јавните служби се во состојба на општ колапс. Ова предизвикува уште повеќе луѓе да одлучат да ја напуштат земјата, но влијае многу и на оние кои веќе побегнале во соседните земји.

Кога луѓето бегаат од војна, вообичаено се надеваат дека ќе се вратат наскоро. Затоа се селат во близина, можеби кај роднини или пријатели во близок град, или само преку границата, каде можат да внимаваат на своите животи и животни средства. Но, по повеќе од пет години конфликт, многу Сиријци се откажаа од таа надеж. Нивните домови беа уништени, нивните семејства се разделени и има мали изгледи за мир. Тие немаат повеќе ништо, а постојано се намалуваат местата каде што можат да најдат спас, па стотици илјади луѓе сега се подготвени да патуваат многу подалеку за да ја најдат безбедноста која очајно им е потребна.

2. Животот како бегалец во соседните земји е неодржлив за многу бегалци, на кои не им е дозволено да работат и запаѓаат во сиромаштија

За милиони Сиријци, нивното прво безбедно место беше некоја соседна земја, како Либан, Јордан, Турција, Египет и Ирак. Но, малкумина од нив можат да плаќаат кирија, дури и кога живеат во минијатурни и преполни соби. Многу бегалци се соочуваат со иселување од нивните засолништа.

Во повеќето земји, на бегалците не им е дозволено формално да бидат присутни на пазарот на сила, и доколку се откриени дека илегално работат се соочуваат со санкции. На пример, во Јордан ризикуваат да бидат вратени во камповите, во Либан се приморани да потпишат изјава дека нема да работат ако сакаат да го обноват статусот.

Без приходи, луѓето се прво приморани да ги потрошат своите заштеди, а потоа и да се задолжуваат.

3. Нема доволно меѓународна помош за бегалците во регионот

Нормално, бегалците можат да се обратат на агенции како УНХЦР, кои спроведуваат многу програми за да им помогнат да преживеат. Но, обемот на проблемот е толку голем и трае толку долго, што донаторите се мачат да најдат пари да платат за овие проекти. Кога бројот на сириски бегалци во Европа се зголеми минатиот месец, УНХЦР почна да добива нови ветувања за донации за зголемување на помошта во соседните земји на Сирија. И покрај тоа, овогодинешната меѓународна помош за сириските бегалци е финансирана само до половина. Неодамна, ваучери на Светската програма за храна им беа скратени на илјадници бегалци, што принуди многумина да питаат и да злоупотребуваат деца.

Во Јордан, многу бегалци го изгубија пристапот до бесплатно здравство. Речиси 60 отсто од возрасните со хронични болести сега се принудени да преживуваат без лекови, во споредба со 23 посто во 2014 година. Бегалците во Ирак, Јордан, Либан и Египет велат дека овие ограничувања се крајниот удар и не им оставаат друг избор, освен да заминат.

4. Децата предолго време немаат никакво образование

Сиријците многу го вреднуваат образованието. Но, во Јордан, Египет, Либан и Турција нема доволно можности за сириските деца да се образуваат. Во Јордан, 90 000 сириски деца немаат формално образование, а 20 отсто од бегалските деца го напуштиле училиштето за да работат. Многу девојчиња се принудени на предвремен брак, кој е уште еден механизам за преживување. Дури и во Либан, каде образованието е бесплатно за сириските деца, превозот не е бесплатен и многу од нив испуштаат часови за да им помагаат на своите семејства. Годинава 200 000 деца ќе бидат надвор од училиште, а младите луѓе кои бараат високо образование немаат речиси никакви можности. Ако добијат можност да живеат продуктивен живот, да се вратат дома и да го изградат животот повторно по војната, родителите на децата бегалци од Сирија кои доаѓаат во Европа велат дека образованието е од голема важност.

5. Земјите во регионот кои примија четири милиони бегалци, без пропорционална меѓународна поддршка, ќе воведат нови рестрикции

Земјите-соседи на Сирија не добија компензација за тоа што вдомија огромен број на бегалци, што претставува огромен проблем за нивната инфраструктура. Во малиот Либан, кој прими повеќе од милион сириски бегалци, владата реши да воведе нови рестрикции, со кои на сириските бегалци ќе им биде потешко да добијат азил. Повеќето луѓе кои пребегале од Сирија можат да влезат во Либан само ако ѝ покажат на граничната полиција билет за авион или траект до Турција. Бегалците кои се веќе во Либан мора да платат околу 180 евра годишно за да останат, како и да дадат изјава дека нема да работат. Во Јордан владата бара од сите Сиријци кои живеат надвор од камповите да набават нови лични документи за да добијат пристап до јавните услуги, но нивната цена е превисока за многумина.

6. Претставувањето на гостопримливата Европа на телевизија и социјалните медиуми

Сиријците надвор од земјата и во неа грозничаво ги следат вестите и приказните за тешкото патување преку Средоземното Море и Балканот, кои завршуваат во Австрија и Германија, со сцени во кои бегалците се поздравени со аплаузи, цвеќиња и играчки. За Сиријците, идејата дека може да побараат азил во земја која ја нуди комбинацијата на безбедност, можност за работа и образование, вреди да ги платат скапите услуги на криумчарите и опасноста да стигнат дотаму. Многумина се плашат и дека портите наскоро ќе се затворат, и единственото време за да се патува е сега.

Тогаш, што е решението? Очигледно, сите влијателни земји мора да ги зголемат напорите да ја окончат Сириската војна. Но, додека да настапи мир, земјите кои се домаќини на четири милиони бегалци мора да ја добијат потребната инфраструктура и помош за развој за основните потреби на бегалците. Продолжуваме да се бориме за можности за вработување, да им се дозволи на бегалците да заработуваат и да придонесуваат за локалните пазари на работна сила.

Истовремено, на бегалците мора да им бидат понудени повеќе легални методи да стигнат безбедно до побогатите земји во светот преку зголемени квоти на привремено вдомување, пофлексибилни соединувања на семејствата и хуманитарни и студентски визи. Сириските бегалци секако би размислиле двапати пред да го напуштат својот регион и да ги ризикуваат своите животи на патот до Европа.