Се состана Координативното тело за подготовка на Гаранцијата за млади

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска имаше воведно излагање на првиот состанок на Координативното тело за подготовка и имплементација на Гаранцијата за млади. Телото, како што најавија од Влада, има задача да работи на задржување на младите во земјава.

Имено, стапката на невработени млади од 15 до 29 години  во Република Македонија е 40,1 % во вториот квартал од 2017 година или во апсолутна бројка 85.308 лица. Околу 130.000 млади лица од 15-29 години, не се ниту во образовен процес, ниту во евиденцијата на Агенција за вработување на Република Македонија, ниту во работен однос. Тие и ќе бидат една од главните таргет групи за вклучување во Младинската гаранција.

,,Со последната ревизија на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, најголем дел од новите активни мерки за вработување се однесуваат на младите невработени лица до 29 години со што се потврдува стремежот на Владата на Република Македонија и согласно со дефинираните активности што ги содржи Младинската гаранција за зголемен опфат и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот во Република Македонија. Иселувањето на младите е една од поголемите трауми на нашата земја и таа носи големи последици и за иднината. Затоа мораме посветено да работиме на создавање перспектива за младиот човек, да ги зголемиме шансите за пристоен живот, а да ги минимизираме причините поради кои младиот човек го напушта својот дом и земја”,  рече во своето излагање министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

На состанокот учествуваа и претставници на Националниот младински совет на Македонија, ИМЕ Програмата/Swisscontact, Швајцарската амбасада, претставник на Министерството за труд на Црна Гора,  Меѓународната организација на трудот, Агенцијата за млади и спорт, како и претставници од министерствата при Владата на Република Македонија.

„Активирањето и промовирањето на вработувањето на младите и нивно интегрирање на пазарот на трудот може во голема мера да го подобри преминот на младите од училиште на работа. Квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, стажирање и практикантство се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата“, сметаат од Министерството за труд и социјална политика.