Се јави СПУКМ: Идејата за окупирање на универзитетот нема да добие наша поддршка

Студентскиот парламент при УКИМ, со долго соопштение поставено на нивната Фејсбук страница, информираше дека нема да ја поддржи окупацијата на Универзитетот. Својот молк во период на силни студентски бунтувања, протести и донесување нов Закон за висoко образование, од Парламентот го објаснуваат како покажување „воздржаност, смиреност и разумност“. Истакнуваат дека сакаат борбата за да ја истераат на институционален начин и бараат нападите и дисквалификацијата на СПУКМ.

„Иако со Студентски и Професорски Пленум, сме на иста страна и досега многупати ги подржавме нивните активности ( како на пример протестите, барем голем дел од нашето членство) сепак, идејата за окупирање на универзитетот нема да добие наша поддршка. Сметаме дека е контра правно да се окупира универзитет и да се демонстрира незадоволство, истовремено спречувајќи ги другите студенти нормално и редовно да учествуваат на наставата. Учеството на наставата е остварување на правото на образование, а да потсетиме дека во правните акти (Уставот, законите, конвенциите) рамката на слободата за остварување на правото бива спречена од судирот со поединец или група кои имаат слобода на остварување на права повторно се дури не ја загрозат слободата на другиот/другите. Многумина студенти сметаат дека комплетни услови кои вклучуваат мир, стабилност и одржување на поредокот на образовниот систем не смеат да бидат нарушени. А тоа значи и дека не може да се пушта гласна музика и да се зборува премногу гласно, се додека во библиотека има некој кој чита или во предавална некој што следи предавања. Го ослободивме факултетот? Но од што? Од нас самите, можеби затоа што повеќе би сакале истиот да го претвориме во место за игра и песни одошто место за наука. Па да науката е и така здодевна. Но да потсетиме, манифестната и примарната функција на факултетите не е да се претворат во арена за конфронтација на политички ставови и интереси, на факултетите се занимаваме со наука и градиме научен профил. Човекот е хомо луденс, немаме ние ништо против играта но кој сака да се игра нека повели во парк, на факултет не му е местото. Жалиме што многумина професори повеќе се заинтересираа да дадат поддршка за организирање на протести одошто за организирање на научни, студентски конференции. Ваквиот нивен избор не би го толкувале, ниту би прејудицирале за причините да се однесуваат така како што не се очекува од нив (ниту во полето на професионалната ниту во полето на персоналната етика). Од друга страна би биле многу задоволни доколку оваа борба ја истераме на институционален начин и повеќе би се задржале на правење анализи и конструирање на аргументативна заднина отколку да пројавуваме однесување кое од страна би можело лесно да биде протолкувано и како вандалистичко (силни извици, гласна музика, свирење, одржување на говори кои содржински изобилуваат со куп вулгаризми и термини кои не смее да си дозволи да ги користи академски граѓанин кои се бори да ги задржи привилегиите)“, стои во соопштението од СПУКМ.