Само 2 отсто од скопјани целосно селектираат отпад, 70 отсто сметаат дека треба

Само два проценти од скопјани целосно го селектираат отпадот, иако високи 70 отсто сметаат дека селектирањето е важно, покажа анкетата на „Гоу Грин“, направена во рамки на одбележувањето на Европската недела за помалку отпад.

Анкетата спроведена на 300 испитаници од Скопје, на возраст над 18 години, покажала дека само 5,7 отсто го фрлаат сметот во посебни контејнери за селекција на отпад, додека 87% го фрлаат ѓубрето на куп, без селекција. Истовремено, речиси половина од анкетираните сметаат дека немаат услови за селектирање, а 80 проценти се сооочуваат и со недостаток на контејнери за отпад.

Од отпадот кој се селектира, 41% од испитниците собираат пластика, 18% хартија, 13% стакло, 12% батерии и 8% текстил. Инаку, дури 80 проценти од жителите на Скопје се незадоволни од еколошката свест на своите сограѓани.

Според заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, со цел да се промовира важноста на селектирањето, Владата со сопствен пример ќе почне да селектира отпад по евроските стандарди.

„ Влегуваме во нова пресвртница во Македонија, во која селектирањето на отпадот ќе биде онака како што е правилно и пропишано по ЕУ стандардите. Се разбира дека промената на навиките треба да дојдат од секој од нас“, рече Макредули.

Амбасадорот Кристијан Тимоние нагласи дека рециклирањето е значајно за Македонија и дека оваа проблематика ќе се решава во соработка со француски општани, од кои може да се искористи искуството. Со оглед на тоа што Македонија доцни со селекцијата на отпад по западноевропски терк, тој нагласи дека може директно да се почне со модерните практики на рециклирање.

Посебен фокус беше даден и на селекцијата на отпадни масла за јадење, а во одбележување на „Евроската недела за помалку отпад“ се приклучи и компанијата „Суниленс“. Тие ја промовираа акцијата за собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење.

Екологија, економија и хуманост – акција за собирање на употребеното масло за јадење

Саниленс, во соработка со невладината „Љубезност“, за секои три литри собирано отпадно масло од домаќинствата даваат по половина литар Дијамант сончогледово масло. Ова масло може да го користат граѓаните кои селектираат масло, или да го донираат за готвење оброци за сиромашните.